Ковачевски, Борел и Лајчак со авион пристигнаа во Охрид за претстојниот дијалог помеѓу Србија и Косово


Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан Мирослав Лајчак, пристигнаа во Охрид во пресрет на утрешниот дијалог меѓу Србија и Косово, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Ковачевски е домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот помеѓу Белград и Приштина на кој ќе учествуваат претседателот на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, под покровителство на Европската Унија.

Како дел од агендата на премиерот Ковачевски, тој вечерва ќе има средба со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан и заменик помошник државен секретар на САД, Габриел Ескобар и американската амбасадорка во Северна Македонија Ангела Агелер.

Пред почетокот на дијалогот, Ковачевски ќе се сретне со Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, а ќе одржи и тет-а-тет средби со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти.

– по завршувањето на средбите и официјалниот почеток на состанокот на високо ниво, премиерот Димитар Ковачевски, ќе има обраќање до медиумите кои се акредитирани на настанот на повикот на Делегација на Европската Унија, во 10:30 во хотел Инекс Олгица. На обраќањето не се предвидени новинарски прашања.

– Република Северна Македонија е избрана за домаќин на овој важен состанок бидејќи е пример за земја која што сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог и во функција на напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните. Потпишаните договори – Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство, се потврда за трајната заложба преку отворен дијалог да го трасираме патот на сегашниот и идниот развој на земјата. Преку овие јасни чекори кои обезбедија пред сѐ безбедност и континуиран развој, Северна Македонија од заробена и изолирана држава денес, пет кратки години подоцна, е фактор на стабилност во регионот, со развиени и негувани добрососедски односи и почитуван партнер на меѓународната заедница. Државите од Западниот Балкан припаѓаат во Европската Унија и до решенија на сите преостанати отворени прашања ќе се дојде само преку дијалог. Република Северна Македонија и натаму ќе продолжи да дава активен придонес во оваа насока, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.