Ковачев: Во Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски


Во Македонија живеат Македонци што го зборуваат македонскиот јазик и тоа е реалност, вели бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој е дел од владејачката партија ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов.

-Ние сме браќа. Вие сте Македонец. Во Македонија живеат Македонци и го зборуваат македонскиот јазик. Тоа е реалноста. Тоа е современата реалност за која ви зборувам. Не можам и немам право да го спорам тоа што вие се чувствувате како Македонец…, вели Ковачев во интервју за порталот „МКД“.

Ковачев додава дека земјава за да влезе во ЕУ ќе мора да се решат историските прашања. Затоа, вели, многу е битно заедничката експертска комисија што е можно побрзо да си ја заврши работата.

Тој истакнува дека Македонија нема да биде помалку ценета и почитувана членка на ЕУ и НАТО ако ја признае историската реалност и порачува дека работењето на заедничката комисија за историја мора да има брз напредок во решавањето на прашањата, зашто одложувањето на работата не и оди во полза на нашата земја.

-Комисијата треба само да работи врз историски документи, без предрасуди. Ако на историчарите им  недостига волја и храброст, тогаш политичарите мора да го решат овој проблем. Сега најважно е да се избегнат одложувањата на работата на оваа комисија. Мора да има брз напредок. Секое одложување на работата на оваа комисија не е во интерес на Македонија, вели Ковачев.