Ковачев и Џамбаски можат да дојдат во Македонија само како европратеници
Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски како европратеници се добродојдени во Македонија, но не и како приватни лица, појасни претседателот Стево Пендаровски за двајцата пратеници кои се најдоа на црната листа на нашата држав, а на Ковачев неодамна не му беше дозволено да ја помине границата за чествување.
Оваа промена претседателот Стево Пендаровски, ја откри на форумот за безбедносна политика, кој се одржа во Скопје и притоа тој двајцата пратеници ги опишал како бугарски иредентисти.
„Доколку европратениците сакаат да дојдат во Северна Македонија како дел од делегација на ЕП, тие се добредојдени, но во нивно лично својство, без оглед на тоа кои се нивните мотиви, може да им биде забранет влез во земјата“, рече Пендаровски.
На дискусијата организирана од белградскиот Центар за безбедносна политика на тема „Руска агресија против Украина: нов импулс за проширување на ЕУ“, Пендаровски рече дека на Советот за национална безбедност одржан на почетокот на годината, пред годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, на кој се очекуваше да пристигнат луѓе од Бугарија за да му оддадат почит на Делчев, од безбедносните служби имало информации дека постои можност за провокации и лица кои не треба да се пропуштаат во земјава.
„Имавме целосни информации. На некои луѓе не им беше дозволен влез во државата. Судиме која личност, во која прилика не треба да биде примена, вклучително и некои европратеници. Таквите лица кои покажуваат иредентистички ставови кон нашата земја нема да бидат примени. Не можете да се криете зад вашиот формален статус“, порачал Пендаровски според БТА.
Одбивањето пристап до територијата на Македонија на европратеникот Андреј Ковачев на 6 мај, кога тој патуваше да учествува на одбележувањето на Денот на храброста и бугарската армија на бугарските воени гробишта кај Ново Село, предизвика голем број реакции, не само од Бугарија, туку и во Европа.
„Политиката е уметност на можното. Иднината на Македонија е во ЕУ, а тоа вклучува и измени на уставот. Суспензијата на европратениците е тешко да се објасни“, рече заменик-директорот на Европскиот совет за надворешни односи, Весела Чернева, која исто така учествуваше во дискусијата на Белградскиот форум одржан во Скопје.
Џамбаски требаше да биде дел од Мешовитиот комитет што неделава заседаваше во Скопје но не дојде. Македонските членови на комитетот тврдат дека Џамбаски не дошол затоа што бил настинат. Денес тој се огласи сепак на оваа тема.

„Официјалните власти во Скопје прават „црни“ списоци за забрана за бугарските граѓани и се фалат со тоа. Само античовечки режим на омраза може да примени вакви трикови во XXI век во Европа! Во комунистичките режими имало забранети луѓе, очигледно навиките не се искоренети. Сега останува секој што ќе се осмели да ја каже вистината за бугарската историја и потекло да биде испратен на Голи Оток и директно пречкртан. Тоа е лицето на оваа античовечка, антибугарска и антиевропска влада⁉️ Каде се овде твоите европски вредности? Како е ова право на слободно движење? Како ова не е антибугарска омраза? Каде е денеска позицијата на активистите за човекови права во Брисел и на националните предавници во парламентот?“- напиша Џамбаски на Фејсбук.