Костова: Договорот со 1ТВ ми заврши со интервјуто на Јовановски
Новинарката Јадранка Костова, вели дека авторскиот договор со „1ТВ“ ѝ завршил со интервјуто на сопственикот на телевизијата Бојан Јовановски, попознат како Боки 13-ка, кој вчера беше уапсен и се наоѓа во притвор за рекетирање.
„Не знам што ќе се случува со телевизијата. Веќе две-три недели не одам таму. Немам никаков контакт. Јас работев таму со авторски договор. Ја правев емисијата во петок и само во петок се појавував во телевизијата“, вели Костова за „Независен весник“.
Таа е координатор на проектот „Фокус“ и вели дека на тоа работи.
„Со оглед на годините, премногу ми беше и емисијата во „1 ТВ“. Сакав да се откажам и претходно, но со интервјуто на Јовановски заврши и мојот ангажман во телевизијата“, вели Костова.
Инаку, во споменатото интервју со сопственикот на „1 ТВ“, тој најавуваше нови проекти од септември, со нова програмска шема. Дури најави и продолжување на долгонајавуваниот „Македонски инсајдер“ кој заврши неславно, по само една емисија, која помина со безброј грешки.