Костадиновска-Стојчевска: За шест месеци ЕК ќе дојде во контрола за оправданоста на титулата ЕПК за Скопје


Фото: Б. Богдановска

За шест месеци Европската комисија ќе испрати луѓе да извршат контрола на тоа што е направено за Скопје да ја оправда титулата Европска престолнина на културата 2028, а Градот уште не ги доставил документите за Универзалната сала, која Министерството ја презеде да ја доизгради, а потоа повторно да ва јрати во власение на градот.

– Процесот на кој се заснова титулата Европска престолнина на културата, не е поврзан со реконструкцијата на Универзална сала, вели  министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Како што изјави денеска Костадиновска-Стојчевска, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Општина Ѓорче Петров, откако Скопје ја доби титулата, на властите им било кажано дека за шест месеци ќе дојде првата контрола од Европска комисија за да види што е сработено. Од тоа, потоа, ќе зависи дали градот ќе ја оправда титулата или не. 

Според министерката, Универзална сала сѐ уште е во надлежност на Град Скопје. Одлуката со која до завршување на реконструкцијата Универзална сала треба да се пренесе во надлежност на Министерството за култура, сѐ уште не е формално потпишана од градоначалничката Данела Арсовска, иако се прават максимални напори за забрзување на постапката. 

-Европска престолнина на културата е титула која културната сцена и културните работници во Северна Македонија и тоа како ја заслужија. Точно е дека носител е Универзална сала како национална установа, но процесот на кој се заснова Европска престолнина на културата, односно целиот тој проект не е поврзан со реализацијата, односно реконструкцијата на Универзална сала. Напротив, тој е поврзан со тоа како ќе работи сега тоа административно тело кое треба да се формира, односно треба носителот на проектот што е определен од Град Скопје да ги почне административните доекипирања на креативниот тим што треба да ја спроведе оваа апликација до крај, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Во контекст на тоа, посочи  Костадиновска-Стојчевска, потпишавме Меморандум за соработка помеѓу Министерство за култура и Град Скопје каде што, како што појасни,  Министерство за култура ги понудило сите ресурси односно просторни и финансиски, настрана од гаранцијата дадена како поддржувачи во Европска престолнина на култура за 2028 година.

-Понудивме креативниот тим да работи во простор што ние ќе го обезбедиме во една наша национална установа, обезбедивме средства за да го помогнеме финансиски тимот, бидејќи сметам дека тука треба да седнат на маса сите заедно и тимот што беше заедно со мене и со градоначалничката во Брисел, тимот што помогна во 2018 година да се поднесе апликацијата, треба да има минимум два надворешни експерта кои треба да се изберат на јавен оглас. Сето тоа е главна задача на носителот на проектот, односно Град Скопје и градската администрација, објасни министерката.