Костадиновска-Стојчевска: СВП се отрезнувачка опомена, а поетите се наши исцелители


– Како што според зборовите на американскиот поет Роберт Фрост: „Секоја песна започнува со кнедла во грло“, ќе бидам искрена, и јас го почнувам овој говор со тоа чувство. Во свет во кој поезијата сѐ помалку ја има, а сѐ повеќе ни треба и ако поезијата е кралица на литературниот израз, тогаш Струга е светска престолнина на поезијата и вечерва – рече министерката за култура Бисера  Костадиновска-Стојчевска синоќа на отворањето на 61-то издание на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“.

– Младите, за жал, сѐ помалку читаат. Ги нарекуваат генерации на слики, а не на зборови. И, за жал, воопшто, како сите сѐ помалку да комуницираме и сѐ помалку да зборуваме. Најубавите зборови од мајчините јазици ги заменуваме со „емотикони“. А каде е зборот, каде се чувствата?! – запраша министерката.

– Затоа – додаде таа – Струшките вечери на поезијата се отрезнувачка опомена, а поетите се наши исцелители.

– Ќе се запали фестивалскиот оган, од Мостот на поезијата ќе ги понесе Дрим вашите стихови, ќе се отвори хоризонтот над Охридското Езеро и тој син бескрај ќе ви остане во очите засекогаш. А нам, за возврат, подарете ни убав збор, убава песна та макар почната и со „кнедла во грлото“ – порача Костадиновска-Стојчевска.

 

Манифестацијата беше отворена на летната тераса на хотелот „Дрим“ во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор.

Вечерта ја отвори поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска, која имаше наративно излагање, ставајќи акцент на поетската историја на фестивалот.

– Од далечната 1961 година кога врвни поети и писатели ја зачнаа оваа поетска дружба, поезијата стана патоказ за многу млади луѓе. Секоја трета личност е поетеса, е поет, така  што сега  вие сте во Земјата на поезијата. Големиот македонски поет Матеја Матевски во една прилика, кога се зборуваше за СВП, рече дека оваа манифестација е толку единствена и храбра што може да преживее сѐ. Тоа се потврди во сите овие изминати години. Генерации творци од Македонија, од сите земји од Европа и други континети во темните ноќи на небото над Струга, сјаат нивните ѕвезди и го  слушаат одекот на нивните песни. Тие одеци само ни велат дека поезијата живее за да укажува, да помага таму каде е затворено, да отвара. Вековите не можеле да живеат без говорот на поезијата. Но дали сега, денес може оваа магија да го напрви невозможното, возможно – рече Михаилова Бошнакоска.

Таа говореше за возбудата со која ја прифатила поканата за да ги отвори „Струшките вечери на поезијата“, потсетувајќи се на нејзините први гостувања на манифестацијата.

– Поканата ја прифатив со возбуда и задоволсто затоа што тоа ме врати во времето кога бев присутна, пред многу години  на првите „Струшки вечери на поезијата“. Бев најмладата учесничка. Тогаш ги видов сите оние поети кои денес ја сочинуваат класиката на македонската поезија. Единствена жена поетеса беше, Даница Ручигај, убава, самоуверена, со свест на она што е. Но трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1964 година.  Од тогаш поминаа многу години за СВП, но и за мене. Македонската поезија беше ексклузивитет. Денес таа е етаблирана и прифатена безмалу во целиот свет. Така што учеството на СВП е привилегија и не само за македонските поети, но и за поетите од целиот свет – истакна Михаилова Бошнакоска.

Во следните фестивалски денови на „Струшките вечери на поезијата“ ќе може да се чујат 24 поети од странство и 30-ина од државава.