Костадиновска-Стојчевска: Се уште има време да се затвори прашањето за изборите
Потпретседателката на СДСМ и министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вечерва изјави дека се уште има време за да се затвори прашањето дали претседателските и парламентарните избори ќе се одржат истовремено или ќе бидат одвоени.
Одлуката, како што изјави Костадиновска-Стојчевска, треба да ја донесат сите коалициони партнери.
– Има уште време до крајот на годината да го заклучиме тоа прашање. Во овој момент секоја партија одлучува во рамки на своите партиски органи. Како партија којашто е водечка во коалицијата, разговараме и имаме секојдневна комуникација со сите коалициони партнери така што се уште е рано да се каже кој ќе биде крајниот исход. Се уште не сме започнале со преговори со опозицијата. Како СДСМ ќе ги земеме предвид сите аспекти кога ќе се одлучува дали тоа ќе бидат избори во еден ден или одделни избори, но мора сите коалициони партнери да донесеме заедничка одлука, рече Костадиновска-Стојчевска за дневникот на телевизија „Сител“.
За крстот на Попова Шапка, Костадиновска-Стојчевска рече дека најверојатно се работи за предизборени разговори со кои се сака да се подгрее национализмот.
– Сметам дека граѓаните одамна се освестени на многу повисоко ниво и дека национализмот не пали така што најверојатно се работи за предизборен договор што не е првпат да се случува во оваа општина, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во однос на Универзалната сала, министерката посочи дека се чека на одговорот од Град Скопје.
– Универзалната сала е посебно прашање коешто се надевам дека не е предмет на политички пазар. Имаме комуникација со градот. Двата последни состаноци беа на техничко ниво на кои ни беше понуден еден видоизменет договор којшто се коси со одлуката на Советот на Град Скопје, а тоа е пренесување на правото за реконструкција на Министерството за култура по што ќе се врати на Градот. По последната средба, ние го видоизменивме тој договор согласно одлуката на Советот и како таква ја испративме до службите во Град Скопје и се надевам дека одлуката ќе биде конечна, рече Костадиновска-Стојчевска.