Костадиновска-Стојчевска од Стразбур: Театрите, кои требаше да бидат терапија за нашите души, сега се засолништа


Нападот врз Украина е напад врз европските вредности, напад врз основното човеково право да живее во слобода и во демократија и да ја создава и да ја зачува својата култура. Искрена и длабока почит кон украинските културни работници и експерти кои деноноќно ги засолнуваат уметноста и културниот идентитет на овој значаен дел од словенската, но и од светската култура.

Ова денеска го потенцираше министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Конференцијата на министрите за култура „Создавање на нашата иднина: креативноста и културното наследство како стратешки ресурси за разновидна и демократска Европа“ што се одржа во Советот на Европа, во Стразбур во Франција.

 

Таа на панел-дискусијата „Подготвени за создавање на иднината – култура, креативност, наследство и дигитализација“ ја нагласи нашата поддршка на иницијативата за координирана акција за помош, за спас на украинската култура и на украинското културно наследство.

– Можевме ли да замислиме дека во Европа повторно ќе има војна?! Можевме ли да замислиме дека стариот континент, лулката на културното наследство, повторно ќе преживува катастрофално уништување и на нејзините историски сведоштва? А, навистина, замислувавме и верувавме дека токму културата и уметноста треба да се подготват за својата најдобра улога во закрепнувањето на постпандемичниот свет. Театрите, кои требаше да бидат терапија за нашите души, сега се засолништа, додаде Костадиновска-Стојчевска.

Нашата држава нема долгогодишно искуство со дигитализацијата, но, според министерката, интензивно работиме на неа и на ползувањето на придобивките од паметната технологија во евидентирањето, зачувувањето и презентирањето на нашето културно материјално и нематеријално наследство.

– Ако пандемијата од КОВИД-19 нè принуди да побараме поддршка и помош во виртуелниот свет, во новите технологии, агресијата врз Украина му даде уште поголемо значење на процесот на дигитализација, рече Костадиновска-Стојчевска.

Конференцијата ја отворија италијанскиот министер за култура, Дарио Франческини, и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ. Прв се обрати министерот за култура на Украина, Олександар Ткаченко, кој говореше за уништувањето на културното наследство од војната во неговата земја. Говорот го поткрепи со видеозапис од уништените културни добра,  наведува Министерството за култура во соопштение.

На денешната Конференција, министрите за култура и другите високи претставници ја усвоија и Стразбуршката декларација.

Организатори на Конференцијата беа Управниот комитет за култура, наследство и пејзаж и Министерството за култура на Италија.