Костадиновска Стојчевска: Нема да има никаква цензура, историјата не треба да ни биде затвор
Да престанете со слободна интерпретација на меѓународни договори, соработката со Бугарија е долго време активна и не е ништо ново, топла вода не измисливме ама мора да одиме во Европа. Историјата повеќе да не ни биде затвор, туку да ни биде лекција, порача денеска од собраниската говорница министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, одговорајќи на пратеничко прашање.
Костадиновска Стојчевска потенцира дека Министерството за култура во ниту еден момент нема да цензурира ништо. Државава треба да гради соживот, а историјата е таа што е и не смее да се интерпретира како говор на омраза, подвлече министерката.
-Правите слободни интерпретации на Договорот за пријателство. Министерството за култура во ниту еден момент нема да цензурира, секој има право на творештво. Спонзорираме уметност и творештво на многу повисока категорија граѓани и овој Договор за пријателство се надевам нема така да го толкувате. Соработката со Бугарија одамна постои, топла вода не измисливме ама мора да одиме во Европа, да градиме соживот. Немојте да ги извртувате напорите што се направени, дека Министерството ќе прави цензура и дека ќе става граници. Во Договорот со Буарија стои дека ќе разменуваме артисти за Илидненски денови, Струшки вечери, Охридско лето,… што не е ништо ново, подвлече Костадиновска Стојчевска.
Прашањето го постави пратеничката Велика Стојковска Серафимовска која, меѓу другото, сакаше да добие одговор што конкретно според потпишаниот Протокол со Бугарија значи „говор на омраза“ и дали тоа предвидува цензура во творењето на уметниците, како и дали делата кои се однесуваат на т.н. спорни периоди ќе бидат заборавени и забранети. Стојковска Серафимовска како примери ги посочи филмовите „Волчја ноќ“, „Истрел“, „Јазол“, „Трето полувреме“,…, прашувајќи дали ќе треба да се менува нивната содржина.
„Јас поставив многу прашања, но еве да формулирам едно конкретно прашање кое не е само мое, туку и на стотици македонски граѓани, а особено на уметниците и културните дејци кои навистина се чудат како може некој да се меша во културното наследство и културата на една држава, нешто што е осудено дури и во меѓународни конвенции. Министерке, што точно значи говор на омраза кон бугарската заедница во некој конкретен случај, еве на пример во еден филм, книга или друго уметничко дело кое би ги раскажало случувањата од Втората светска војна, или пак денешните случувања на негирање на постоење на јазик и историја што е целосно спротивно на европските вредности на почитување на културната разноликост и право на самоопределување“, запраша пратеничката.