Костадиновска Стојчевска – Маргарити: Имаме простор за заеднички проекти во културата и во заштитата на Охридскиот регион


Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска денеска во Тирана оствари средба со албанската министерка за култура Елва Маргарити, при што главна тема на разговор била работата на Меѓудржавниот комитет за управување со Охридскиот регион.

Како што информираат од Министерството за култура, во тој контекст станало збор и за формирањето на постојан секретаријат составен од релевантни експерти од двете страни, изработката на заеднички стратегиски план со дефинирани цели, иницијативи и проекти за заштита и рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот регион како исклучителна вредност.

Двете соговорнички разговарале и за изработката на заедничките извештаи за состојбата со заштитата и напредокот во спроведувањето на препораките на Комитетот за светско наследство и за заедничкото дипломатско делување при организациите на ОН и ЕУ.

Костадиновска-Стојчевска и Маргарити меѓусебно се информирале за реализација на последната фаза од повеќегодишниот сложен процес на реиституција на македонските икони кои се во Албанија, а и ги споделиле искуствата околу нормативното уредување во сферата на заштитата на културното наследство.

Министерките на средбата изразиле задоволството од досегашната соработка во културата меѓу двете земји и се согласиле дека има простор за уште подлабоко интензивирање на соработката и на индивидуално и на институционално ниво. Особено бил потенциран позитивниот пример на соработка со Музејот на албанската азбука во Битола.

На средбата на која присуствуваше и амбасадорот на Северна Македонија во Тирана, Данчо Марковски, станало збор за процесите кои може да се отворат со поголема размена во областа на културата на двете земји со Косово, како и за поефикасно учество и аплицирање на грантовите за култура во програмата Креативна Европа.

-Добрата културна соработка се потврди и со отворањето на Македонскиот културно – информативниот центар во Тирана, каде во текот на годинава со поддршка на Министерството за култура ќе се реализираат повеќе културни настани, промоции на книги, концерти и изложби на кои македонските уметници ќе се претстават пред јавноста во Тирана, се наведува во соопштението.