Костадинов ниту Јакимовски не дојдоа на средба со Ѓорѓиевски во ЗЕЛС
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, не дојде на денешната средба што ја организираше претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски. На средбата до овој момент не е пристигнат ниту градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
Од Општина Струмица потврдиле за “Слободен печат“ дека Костадинов не пристигнал во Скопје и дека неговиот став за напуштање на ЗЕЛС е конечен. Градоначалникот уште во петокот соопшти дека го напушта ЗЕЛС и дека не прифаќа средба затоа што таа нема ништо да промени – велат од Општината.
Првиот човек на Карпош, пак, не присуствувал поради приватни обврски кои не можел да ги одложи затоа што поканата за средба ја добил дури утрово. Сепак, не се исклучува можноста тој да пристигне подоцна на средбата, на која освен Ѓорѓиевски присутни се и двајцата потпретседатели на ЗЕЛС, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу и на Валандово, Перо Костадинов.
На средбата, која ја најави Ѓорѓиевски, требаше да се разговара со градоначалниците на Струмица и Карпош, откако Костадинов соопшти дека го напушта ЗЕЛС поради индиферентниот однос околу проблемот со водата за пиење, а Јакимовски најави дека ќе ја напушти Заедницата доколку не престанат притисоците од неколкумина министери од актуелната Влада, за кои ЗЕЛС не реагира.