Костадинов извиси во Струмица, Асен Шајн предложен за градоначалник на Охрид


Фото: Б. Грданоски

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче презентираше неколку имиња за кандидати за градоначалници на престојните локални избори. Па така, во Охрид кандидат ќе им биде д-р Асен Шајн, а во Струмица кандидат ќе биде Маријан Даскаловски. Ова значи дека Костадин Костадинов извиси и нема да добие шанса за нов мандат. Во Дебрца кандидат ќе биде Љупчо Паунковски.

„Дозволете да информирам за одлуката на Извршниот одбор за кандидатури за градоначалници во уште десетина други општини, и согласно најавата како ќе се потврдуваат кандидатурите, ќе ја известуваме јавноста.

Во општина Пехчево кандидат за градоначалник ќе биде Златко Николовски, член на Централниот одбор. Во општина Босилово, Мариче Кармазичева. Понатаму за Куманово организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски.

Во Карбинци Љупка Соколовска, во Василево, Ванчо Новоселски. Во Сопиште претседателот на општинската организација, Звонко Васев.

Понатаму кандидат за градоначалник во Јегуновце ќе биде Дарко Блажевски, градоначалник во претходниот мандатот од 2017 до 2021 година. Во Охрид кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација, д-р Асен Шајн. Во Демир Хисар, Златко Кузмановски, претседателот на општинската организација. Во Струмица, кандидат за градоначалник ќе биде претседателот на општинската организација, Марјан Даскаловски и во Дебарца исто така претседателот на општинската организација, Љупчо Паункоски.

И овој процес на селекција, исто како и претходниот, ги следеше истите критериуми, анализа на резултатите од анкетите, разговори бројни со членови на општинските организации.Еден навистина инклузивен процес кој што вклучуваше многу луѓе кои придонесоа во најпрво предлагањето после и селекција на кандидатите за градоначалници. Ќе продолжиме понатаму во следните две недели, јас верувам дека некаде околу две третини од кандидатите за градоначалници ќе бидат веќе потврдени од страна на Извршниот одбор и за тоа ќе ја известиме јавноста“, вели лидерот на СДСМ.

„Во следните две недели, две третини од кандидатите за градоначалници ќе бидат потврдени од Извршниот одбор. Очекувам ова да биде процес кој ќе значи сплотување а не поделба на партијата“, рече Филипче.

Кандидатите се бирани според принципи кои ги има СДСМ, но и според резултати од анкети.

„Сите одлуки ги носиме по широк консулатитвен процес“, додаде Филипче.