Костадинов: Избори мора да има


Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, порача денес дека избори мора да има, а ВМРО-ДПМНЕ може само да избира – дали ќе води кампања или не.

-Согласно законските одредби и Уредбата со законска сила на Владата, изборите треба да се одржат 22 дена по завршување на вонредната состојба. Во случај таа да заврши на 30 мај, изборите треба да бидат на 21 јуни.

Имаме распуштено Собрание за чие распуштање гласаа сите политички партии, имаме техничка Влада по пржински модел, на крајот имаме и распишано избори од страна на претседателот на Собранието, кои беа одложени заради корона кризата. Оттука нема никакви пречки процесот да продолжи и изборите да бидат на 21 јуни.Не смееме и со сигурност нема да дозволиме неодговорното и незрело однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ја втурне нашата држава во лош правец, само затоа што тие се плашат од изборно соочување.

Токму Мицкоски се согласи за избори на 12 април. Токму ВМРО-ДПМНЕ гласаше за распуштање на Собранието, поддржаа распишување на изборите, влезе во техничка влада, поднесе пратенички листи, стави печат на кандидатските листи, учествуваше во жребувањето и дури имаат и свое бројче на гласачкото ливче.Сега, Мицкоски единствено може да бира дали ќе води изборна кампања или нема, а неговата партија во секој случај ќе се најде на избирачкото ливче, порача Костадинов.

Според него, СДСМ дава шанса на консензусот за важни прашања, но доколку нема договор и доколку продолжи„ незрелоста и неодоговорноста на Мицкоски’, тогаш по сила на закон, изборите ќе се одржат на 21 јуни.