Костадин Костадинов: Сѐ што излегува од устата на Мицкоски е лага

„Сѐ што излегува на устата на Христијан Мицкоски е апсолутна, ноторна лага, како последните обвинувања дека викендот наводно Македонија се раскрчмувала, за на крај да излезе дека немало никакви официјални разговори во Софија“, истакна портпаролот на СДСМ Коста Костадинов, за емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Според него, опозицијата треба да биде коректив на власта, но во исто време се наоѓаат во еден идеолошки вакуум од кој им е тешко да излезат. „Партијата која 11 година се обидуваше да ни инсталира антички идентитет сега зборува за загрозен идентитет“, рече Костадинов.

„Да не заборавиме влеговме во НАТО како членка, како Македонци, кои зборуваат македонски јазик, кој што нема бугарски корени, истото се случува сега при нашиот процес на интеграција во ЕУ и решавање на ова прашање со Бугарија. Треба да дадеме шанса на преговорите. Нашите црвени линии се тие, ние ги спомнуваме многу јасно и гласно, дека сме Mакедонци, кои зборуваме македонски јазик, кој нема корени од бугарскиот јазик“, потенцираше Костадинов.

Тој повтори дека непобитен факт е дека Македонците својата сувереност ја оствариле преку АВНОЈ-ска Југославија, а својот вековен идеал за своја држава во АСНОМ-ска Македонија.

„Нашата слобода се базира на антифашизмот, сакам да упатам силна порака, не смееме да ставаме етнички предзнак на фашизмот, во тоа искрено верувам. Нашиот стремеж, цел е интеграцијата на ЕУ, сојуз во кој е и Бугарија и Германија. За таа цел треба да бидеме искрени пред себе и пред граѓаните. Да не ги залажуваме, да не ги подгреваме страстите,  да не шириме хистерија како што тоа го прави Христијан Мицкоски во еден особено важен период за државата и граѓаните“, истакна Костадинов.