Коста Петров за „Независен“ : Во политиката влегувам искрено, без калкулации


Никој не рече дека ќе биде лесно. Со Коста Петров (35) како автор, се видовме на врвот, го преживеавме стравот и го испивме последното кафе. Како фанови на Евросонг, се препознавме во неговите стихови за „Горда“ на Тамара, која по шест години ѝ донесе евровизиско финале на нашата земја,  а како жени кои ја сакаат модата му завидовме кога го посети „Вог“ во Њујорк.

Како пи-ар експерт повеќе е надвор отколку дома, на работа повеќе доаѓа со авион отколку со кола. Основач е на P World, светската, водечка агенција за настани, која работи во 40 земји во Европа, Блискиот Исток, Централна Азија, Африка и Северна Америка. Исто така, P World е првата агенција за настани, која има организирано интернационален бизнис-собир во Исламската Република Иран.

Две години по ред , Коста беше вклучен во листата на највлијателни професионалнци за настани во Југоисточна Европа на Kongres Magazine. Тој е и дописник за американското издание на Huffington Post и редовен говорник за односи со јавност, лидерство и претприемачи на различни настани во светот.

Со над 40,000 продадени примероци од неговите четири книги, Коста е најпродаван автор во неговата родна Македонија и автор на интернационално признатата книга „Стравот“ (The Fear). Тој е и уредникот на „The Little Black Book of PR“ – првата книга за односи со јавност, напишана од практичари за практичари. Од минатиот месец Коста е и единствениот пи-ар професионалец од регионот во одборот на IABC, најголемата светска асоцијација за пи-ар професионалци.

Како гром од ведро небо проструи веста во јавноста дека Петров е избран за еден од потпретседателите на владејачката СДСМ.

Влегувате во политиката како потпретседател на СДСМ. Зошто во политика ? Која ви е целта?

– Во животот ништо не е случајно и сѐ се случува со причина. Оние кои ги прочитале моите книги знаат дека јас пред сѐ сум дипломиран политички аналитичар кој ненамерно ја оставил избраната професија на страна и професионално се реализирал во областа на односите со јавност, кои сепак се тесно поврзани.

Не сум зачуден што во овој момент за многумина мојот политички ангажман е изненадување, но силно верувам дека во блиска иднина, ваквите чекори од млади, успешни но пред сѐ, чесни луѓе ќе бидат поттикнати да бидат наша секојдневна реалност.

Во политиката влегувам со една единствена цел – промени. Во политиката влегувам без калкулации, со искрен однос и никакви познавања од играње на задкулисни игри, единствено нешто кое го знам е да донесам резултат од својата работа.

Овој ангажман им го должам на илјадниците сограѓани и сограѓанки што решија да ја напуштат Македонија. Ова и го должам и на мојата ќерка.

Се изненадија ли семејството и пријателите?

-Се изненадија но сигурен сум дека и очекуваа нешто вакво од мене. Јас сум човек што цел живот се бори и секогаш се труди да ја согледа светлината и во моменти кога е најтемно. Знаат дека сум човек што не се плаши од ризици и знаат дека ќе го дадам максимумот да донесам позитивни промени во Македонија.

Работите на четири континенти, ама со семејството уште Македонија ви е дом. Што имаме ние, а немаат другите, и обратно, што најмногу ви се допаѓа а што не во Македонија?

– Ја имам честа да бидам сопственик на креативна агенција која успешно работи во 40 земји во светот. Често патувам и се сретнувам со најразлични култури и традиции и бескрајно сум благодарен што го имам животот што во моментов го имам. За мене Македонија е мојот дом. Земјата што мене ме направи цврст, одлучен но и отпорен на негативни работи. Јас 11 години живеев во странство и моето враќање тука беше можеби една од најтешките одлуки во мојот живот, но гледајќи на сѐ што ми се случи во овие осум години од кога сум вратен, знам дека сум го направил вистинскиот чекор. Ние како земја имаме огромен потенцијал, одлични луѓе, одлични иноватори. Треба да ги слушнеме, треба да ги поддржиме, мора да веруваме во нивната визија. Знам дека сме нација која се фокусира повеќе на омаловажување и негативна критика но ние не можеме да излеземе од оваа ситуација во која што сме ако не почнеме да ги цениме и да ги слушаме луѓето што со чесна и макотрпна работа постигнале успех.

Предрасудите и сеирот не следат од мали нозе. Како да се прилагодиме на ваков живот како локалци, а како странците во Македонија?

-Предрасуди има насекаде но тоа не значи дека треба да се фокусираме на нив. Ајде да си се фокусираме на убави работи, на убави луѓе, на убави приказни. Дај да им дадеме шанса на сите да се покажат и заеднички да креираме земја што ќе биде синоним за гордост а не омраза.

Активни сте на многу полиња, како автор на книги, пи-ар експерт, бевте на Евросонг како коавтор на евровизиската балада „Горда“ и како пи-ар на Тамара. Која професија најмногу ве исполнува и дали амбицијата или нешто друго ве турка напред за да се видите на врвот, како што е насловена една од вашите бестселери?

-Сите овие работи се само моја екстензија. Јас сум Коста Петров. Јас сум јас. Одлучен сум, решителен сум и секогаш знам што сакам и работам макотрпно на тоа да го добијам. За мене не постојат лимити. Сонуваш, веруваш, седнуваш, работиш и го остваруваш.

Која е според вас, тајната на успехот? Во едно интервју откривте дека при посетата на американскиот Вог, во канцелариите на компанијата „Конде Наст“ се чувствувавте како таму да припаѓате. Кој е вашиот пат до успехот?

-Да, нашиот прв настан во Њујорк во канцелариите на престижниот „Вог“ е нешто што никогаш нема да го заборавам. Што се однесува до тајната на успехот, не верувам дека постои некоја си тајна или формула. Мора да сфатиме дека нашата работа, нашите постигнувања, не нѐ дефинираат како личност. Ние сме многу повеќе од нашата работа.

Дали во светот не знаат кои сме и што сме?

– Се разбира дека не знаат. Па не знаете со која гордост кажувам дека сме од Македонија кога организираме настан по светов. Најпрвин се чудат како од Македонија може да се организира вакво нешто. Не им е јасно! Ќе им покажеме на сите дека Македонија е земја на иновации. Време е да си го заземеме местото под сонцето како земја во која се создаваат трендови и земја која е синоним за позитивна трансформација.

Што е за вас врв во кариерата?

-Сѐ е врв. Секој момент во мојот живот јас го живеам врвот бидејќи за мене врвот е чувството на крајот од денот, дека сум го дал максимумот, дека сум дал и направил сѐ што можам.

Имате ли неостварена желба?

– Немам. Благословен сум со прекрасен живот и знам дека секоја желба, без разлика колку и да е за некои смешна, за мене е реална и остварлива.

Која светска личност ви оставила впечаток?

-Благодарение на мојата работа сум имал чест да запознаам многу влијатели личности и секој од нив има интересна приказна. Можеби најголем впечаток ми остави Ричард Бренсон кој ни беше гостин на еден настан во Дубаи. Ме фасцинира неговата едноставност, човечност но и желбата за позитивни промени на глобален план.

Како ви се случи Евросонг 2019? И како коавтор на текстот за песната Proud и пи-ар за Тамара?

-Евросонг е можеби најубавото професионално искуство во мојот живот. Тие моменти на тимска работа и енергија никогаш нема да ги заборавам. Во проектот влегов случајно. Се слушнавме со Тамара кога беше избрана, ми ги кажа нејзините планови и ми кажа дека сака да ги вклучи најдобрите креативци во приказната. Седнавме, го направиме концептот и се случи магија.

Пишувањето на текстот на песната беше едно ново искуство за мене и тука морам да кажам дека без талентот на мојата сопруга песната немаше да биде тоа што е. Пишувавме за нашата ќерка, за ќерката на Хана, за сите жени, луѓе што секојдневно се соочуваат со проблеми, но решаваат гордо да чекорат напред.

Вашите книги носат симптоматични наслови: „Се гледаме на врвот“, „Стравот“, „Никој не рече дека ќе биде лесно“, „Нашето последно кафе“.Тие се приказни се за вашиот или за сите нас, во Македонија живот?

-Моите книги се рефлекција на работите што ми се случуваат во мојот живот. Лекции што сум ги научил, луѓето што сум ги сретнал, искуства што ме направиле подобра личност. Тоа се книги за сите нас бидејќи без разлика на сѐ, сите поминуваме низ слични работи во животот и треба отворено да зборуваме и за проблемите но и за негативните искуства.

Која ваша книга најдолго ја пишувавте, а која ви е најдрага?

-Мојата петта книга ја пишувам најдолго. Ја започнав пред година и пол и решив да ја објавам но се случи Евросонг и реков ајде ќе почекам тоа да заврши па ќе ја довршам. После Евросонг ја добив понудата за мојот политички ангажман и си реков ајде да видам што ќе биде па ќе ја довршам. И сега, во овој момент искрено не знам кога ќе ја завршам.

Што се однесува до мојата омилена книга, тоа е дефиитивно „Никој не рече дека ќе биде лесно“. Тоа е приказна за најважниот разговор што треба сите да го имаме во нашите животи.

Односите со јавност , како подрачје особено кај нас, е најнедефинирано. Опфаќа сѐ или ништо. Можете ли да ни објасните зошто оваа професија толку доби на актуелност и дали навистина со нејзина помош се воздига или се руши некој имиџ?

– Односите со јавност се всушност многу комплексна, креативна и важна професија која не може да ја работи секој. Во Македонија оваа професија за жал не е сѐ уште стратегиски позиционирана и не се дава тежина на тоа колкава одговорност носи. Во секоја компанија и институција треба да постои професионално лице за односи со јавност, кое освен одлични комуникациски вештини и контакти, треба да има добри познавања за квалитетна имплементација на ПР техниките, како и способност да препознае добра информација и за истата да создаде одлична приказна – ПР во вистинско време итн. Вработените на овие позиции ја носат целата одговорност за имиџот и сликата за оние за кои работат, затоа треба внимателно да се одбираат оние на кои ќе им се даде да бидат токму на оваа работна позиција.

Со кого се дружите приватно?

-Слободното време го поминувам најчесто со моето семејство и мал круг на одбрани луѓе што ме инспирираат да бидам подобар човек но и ме учат секогаш да размислувам позитивно.

Како ги полните батериите?

-Мојата ќерка ми е лек за сѐ.

Лејла Сабит      Фото: Приватна архива