Коста Петров ќе биде директор на ФИТР

Коста Петров, потпретседател на СДСМ, сопственик на маркетинг агенција и писател, на својот профил на фејсбук објави дека оди на нова функција – директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

„После 15 години работно искуство во приватниот сектор, од кои 10 години како основач и директор на Пи Ворлд, време е за нови предизвици.
Во овие десет незаборавни години, заедно со мојот победнички тим, успеавме да ја позиционираме Пи Ворлд како една од најиновативните креативни агенции и организатори на бизнис-настани во светот.
Иновациите и развојот на технологии мора да ја заземат централната улога во нашата развојна економија, а ФИТР ќе биде двигател на оваа трансформација.
ФИТР ќе продолжи да инвестира во иновацискиот развој на компаниите, работејќи на создавање нови квалитетни работни места и придонесувајќи кон развојот на македонската економија“, пишува Петров.

Досегашен директор на ФИТР беше Јован Деспотовски, кого Владата пред два дена го разреши од функцијата, на негово барање. Деспотовски е именуван за в.д. директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, одлучи Владата на синоќешната седница.

Меѓу одлуките е и Самка Ибраимовски да биде назначен за в.д. заменик директор на Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонија пат”. Поточно, како што стои во соопштението од Владата, таа му порачува на Управниот одбор на претпријатието да го избере Ибраимовски за в.д. директор.
Владата ги прифатила и оставките на досегашниот директор на Управата за извршување санкции Јовица Стојановиќ и на директорот на затворот во Куманово, Марјан Спасовски. Со новите одлуки, Стојановиќ е именуван за в.д. директор во Казнено поправен Дом Идризово со отворено одделение во Велес, а Спасовски го именува за в.д. директор на Управата за извршување на санкции. За в.д директор на затворот Куманово е назначен Ненад Цветковиќ.
Според соопштението од Владата, Бесник Елези е именуван за в.д. заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, Ардиан Муслиу  за в.д. директор на Државниот просветен инспекторат и Митко Крстевски за директор на Службата за просторен информативен систем.