Косовските угостители бараат од државата помош според примерот на Северна Македонија

Здружението на гастрономи на Косово бара од надлежните власти во земјата да ги отстранат актуелните ограничувања на работното време, воведени поради епидемијата на Ковид-19 и да им дозволат да работат до 23:30 часот, како и да им се дозволи работа во затворените простории, јави  дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното отворено писмо упатено до Владата, организацијата на косовските угостители бара и донесување пакет економски мерки за помош на бизнисот, при што се посочува и примерот на Северна Македонија со субвенционирање на платите за вработените.

– Не е единствено решение државата да го полни буџетот казнувајќи ги бизнисите и граѓаните (…) Ние сметаме дека треба да се користи методот на стимулирање, а не на казнување. Не сте субвенционирале ниту еден бизнис за да казнувате, затоа треба да се земе пример од европските држави кои до 80 отсто им излегоа напомош на бизнисите. Исто така, пример треба да се земе и од регионот, како што е Северна Македонија, која ги субвенционира платите на вработените цели пет месеци, се вели во објавата на Здружението.

Тоа предупредува дека угостителите, поради ограничувањата и казните, се соочуваат со сé поголеми тешкотии, поради што се принудени да отпуштаат вработени и најавува дека доколку не се исполнат нивните барања ќе започнат со протести.

Покрај продолжувањето на работното време и дозволувањето на користење на внатрешните простории на угостителските објекти, Здружението бара и свикување собраниска седница на која ќе се укине досегашното ограничување на движењето на граѓаните до 22:30 часот, како и изготвување прецизен правилник за почитување на растојанието и другите заштитни мерки во затворени простории.