Косовската полиција заплени марихуана вредна 400.000 евра близу границата со Србија


Косовската полиција во вторникот вечерта заплени 182 килограми марихуана во вредност од околу 400.000 евра, на истокот на земјата, во граничната област меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

При проверка на автомобил со косовски регистарски таблички е пронајдена марихуаната за која постои сомневање дека се превезувала од Србија во Косово.

Во соопштението на полицијата се наведува дека во врска со случајот се уапсени двајца косовски државјани, Ј.Х. (роден 1998) и Д.Х. (1990).

– На 24.10.2023 година околу 21:35 часот, по разменети информации од страна на Граничната полиција – Исток со Управата за истражување на трговија со наркотици на граничното подрачје РКС/СРБ, сопрено е осомниченото возило со локални регистарски таблички, во кое, по извршената проверка од страна на полициските единици, е пронајдено сомнително количество наркотици од типот марихуана, за кое постои сомневање дека се превезувало од Србија во Република Косово. Во врска со случајот, веднаш се преземени истражни дејствија, при што, во консултација со дежурен обвинител, уапсени се двајца осомничени косовски државјани, Ј.Х. (1998) и Д.Х. (1990), поради транспорт на наркотици и запленети се 182 килограми наркотици од видот марихуана, при што се проценува дека вредноста на оваа наркотична супстанца на пазарот изнесува околу 400.000 евра, се вели во полициското соопштение.

Полицијата соопшти дека како материјален доказ се одземени еден автомобил и едно комби со локални регистарски таблички, кои биле користени во случајот, како и два мобилни телефони.

На осомничените им е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.