Косовската полиција покрена истрага за натписот „Кога војската ќе се врати на Косово“


Косовската полиција вчера покрена „интензивна истрага“ и отвори случај за „предизвикување омраза, поделби и нетрпеливост“, поради натпис испишан на јавна површина покрај главниот пат во општина Зубин Поток, во северно Косово, кое е населено со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на полицијата се вели дека „на заштитниот ѕид на влезот во градот е пронајден натпис со поттикнување омраза“, а како што пренесоа медиумите, станува збор за натписот на српски јазик „Кога војската ќе се врати на Косово“.

За случајот бил известен обвинителот, додаваат од полицијата, а интензивните увиди се во тек.

Граѓаните на оваа општина вчера наутро за прв пат го забележале натписот, кој бил испишан на ѕидот кај автобуската постојка на главниот пат меѓу Северна Митровица и Зубин Поток.

Како што наведува косовскиот портал на српски јазик „Коссев“, графити со истиот натпис со недели се испишуваат во неколку градови во централна Србија, но и во Република Српска и во Црна Гора.