Косовската опозиција се подготвува за уривање на Харадинај


Лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа ги собра денеска во партиското седиште пратениците на својата партија на состанок, кој се одржува зад затворени врати, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според некои косовски медиуми, тема на дискусија на партискиот претседател со пратениците е покренувањето иницијатива за гласање недоверба за Владата предводена од Рамуш Харадинај.

За обезбедување на потребното мнозинство гласови во Собранието на Косово за уривање на Владата на Харадинај, Мустафа минатата недела оствари средба со лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, а за наредните денови е најавена средба и со Шпенд Ахмети, лидерот на третата најголема партија во Собранието, Социјалдемократската партија на Косово (ПСД).