Косово: Приведени осуммина Чеси кои планирале инцидент на натпреварот меѓу Косово и Чешка


Косово– Косовската полиција синоќа приведе осуммина чешки државјани, осомничени дека планирале да предизвикаат инцидент на денешниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Косово и Чешка, кој се одвива во рамки на квалификациите за европското првенство во фудбал 2020 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Официјални извори од косовската полиција информираа дека кај шест машки и две женски лица дојдени од Чешка, од полицијата во градот Урошевац биле откриени еден дрон, знамиња на Република Србија и транспаренти со српски симболи и пораки против косовската држава, односно со написи на српски јазик „Нема предавање“ и „Косово е српско“. Освен овие материјали, кај приведените, од кои еден има и српско државјанство, пронајдени се и конфискувани и една камера и два апарати за радио-врски.

Според приштинските медиуми, оценка на надлежните косовски служби е дека приведените навивачи од Чешка планирале во текот на денешниот фудбалски натпревар со дрон да ги истакнат српските знамиња и антикосовските транспаренти, со што би испровоцирале „ситуација која би можела да предизвика сериозни проблеми“ на стадионот „Фадиљ Вокри“ во Приштина.

Мајорот на косовската полиција, Мехметали Хајдини за порталот коха.нет изјави дека чешките државјани синоќа се задржани на распит во полицијата во Урошевац.

Натпреварот меѓу Косово И Чешка, во рамките на групата А од квалификациите за „Еуро 2020“ ќе се одигра денеска со почеток во 15 часот.