Косово подготвува закон со кој ќе се казнува негирање на воените злосторства


Косовската Влада на денешната седница го прифати предлогот на вицепремиерот Енвер Хоџај за изготвување закон со кој ќе се казнува негирањето на воените злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Предлогот на Хоџај доаѓа откако неколку припадници на најголемата партија на Србите во Косово, Српската листа (СЛ) јавно ги негираа злосторствата извршени врз цивили Албанци во војната во 1998-99 година. Последен беше случајот со сега веќе разрешениот министер за администрација и локална самоуправа, кој на годишнината од нападите на НАТО врз Србија изјави дека Албанците се „крвопијци и измамници“, а за масакрот на 45 цивили во селото Речак во јануари 1999 година рече дека е „измислен“.

– Дискурсот кој го користат политичарите на СЛ за воените жртви во Косово, обидувајќи се да ја сокријат вистината и негирајќи ги злосторствата кои Србија ги изврши против цивилното население во Косово, е неприфатлив. Случајот на поранешниот министер Теодосијевиќ не е прв. Со години имаме случаи кога тоа го правеле припадници на владата од редовите на СЛ, чии изјави потоа беа поддржувани од српскиот претседател Александар Вучиќ и други претставници на српската Влада. Таквите изјави и тенденции не може да се толерираат, рече Хоџај.

Тој се повика на европската пракса на спречување на оживувањето на идеологиите кои доведоа до таквите воени злосторства, како што е етничкото чистење и се заложи за забрана на секаков вид на глорификација на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ и на неговите соработници, кои за нивните злосторства се казнети и од меѓународниот суд.

– Затоа, сметам дека ние треба да ги преземеме сите потребни чекори за да ја регулираме основата за казнување на тие кои ги негираат злосторствата и геноцидот на Србија во Косово, рече Хоџај на владината седница.

Според косовскиот вицепремиер, еден таков закон Владата и Собранието на Косово им го должат на воените жртви и нивните семејства.

– Српскиот геноцид во Косово е факт и доказите за тоа се многубројни и евидентни. Владата и Собранието на Косово им должат еден таков закон на воените жртви и нивните семејства за да го одбранат нивното достоинство и за да го спречат враќањето на политиката која предизвика толку многу жртви, рече Хоџај.