Косово: Опозицијата во потрага по три гласа за да ја урне Владата на Харадинај


Најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), смета дека е прашање на ден кога коалицијата ПАН, која ја чинат Демократската партија на Косово (ПДК) на парламентарниот спикер Кадри Весели, Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај, ќе падне од власт.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, пратеникот на ЛДК во Собранието на Косово, Насер Ругова денеска пред новинарите изјави дека опозицијата „го чека најпригодниот момент за да ја урне Владата“.

Ругова информира дека ЛДК, заедно со Движењето самоопределување (ВВ) и другите опозициски партии во моментов имаат обезбедено 58 гласа, што значи дека им се потребни уште три гласа за потребното мнозинство за изгласување недоверба за  Владата на Харадинај.

Опозицискиот блок во Собранието на Косово верува дека и меѓу пратениците на владејачката ПАН има незадоволни од актуелната власт и дека набргу ќе се обезбеди потребниот број гласови за изгласување недоверба и за распишување вонредни избори.

Партијата на косовските Срби, Српската листа (СЛ), која, иако учествува во Владата со министри, заменици министри и други функционери, во Собранието на Косово делува како опозиција откако Харадинај ја воведе таксата од 100 отсто на српскиот увоз, ги понуди гласовите на своите 10 пратеници за смена на Харадинај. Меѓутоа, опозициските партии на Албанците се изјаснија дека не сакаат да го уриваат Харадинај со гласовите на партијата, за која велат дека „работи по директиви на властите во Белград“ и со чија помош, пред две години, тој и другите партии на коалицијата ПАН ја презедоа власта во Косово.