Косово не попушта : Нема извоз на компирите додека нема увоз на косовски млади риби


Се сретнаа министрите на Косово и на Македонија ама не го решија проблемот со забраната на извоз на македонските компири и мед. Косовската страна не се помрдна од старите позиции – нема дозвола за увоз додека во Македонија не можат да влезе нивниот рибен подмладок. До крајот на неделава косовската Агенција за храна и ветеринарство најавила дека ќе испрати извештај до нашата Агенцијата за храна и ветеринарство, со анализа на соодветната програма за следење на производите од икра и материјал за порибување од Косово.

Министерот за економија Крешник Бектеши по враќањето од Косово информираше дека на средбата со министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрит Шаља, ги презентирал фактите и аргументите на нашата земја, додавајќи дека очекува косовската страна да ја достави нивната програма за мониторинг. Додаде дека во моментот кога ќе пристигне, комисија од Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија на терен ќе утврди дали навистина се работи согласно таа програма.

„Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури, тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Северна Македонија. Тоа е меѓународно воспоставен принцип со кој се гарантира дека земјата ги нема болестите и тоа е начинот како ние да се заштитиме да не внесеме болести на нашата територија. Од она што ни приложија косовските власти засега ги немаат сите потребни анализи, но ако ни докажат дека имаат извршено активен и пасивен мониторинг како што тврдат тие, тогаш во истиот момент кога нашата комисија ќе утврди дека се спроведуваат мерките ние следниот ден ќе ја отстраниме бариерата“, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов. (А.С.)