Косово јавно ги потврди азилантските кампови, Македонија молчи
Лондон сака да најде решение да се ослободи од дел од мигрантите кои нелегално доаѓаат во Британија. Тоа е фокус на самитот на Берлинскиот процес
Британски официјални претставници, според „Политико“, потврдиле дека разговараат со лидерите од Западен Балкан за отворање во регионот на потенцијални центри за вратени азиланти, но нагласија дека тоа е „само еден предлог од неколкуте што се истражуваат“. Додека Албанија, БиХ и Црна Гора јасно кажаа дека не се заинтересирани, освен во последната земја ако Лондон не инвестира десетина милијарди во изградба на железница кај нив, Косово јавно објави дека ја прифаќа идејата и е во процес на договарање.
Македонија упорно молчи, односно ниту потврдува ниту негира, иако единствена има инвестициски договор со Обединетото Кралство и неколку министри се со премиерот Христијан Мицкоски во Лондон. Место тоа, праќаат соопштенија во кои се фалат дека ова им е веќе втора средба со Страмер и дека ќе ги прими кралот Чарлс.

Британскиот премиер Кир Стармер претходно изрази ентузијазам за идејата за обезбедување билатерален договор за обработка на луѓе кои ги исцрпиле сите свои опции за останување во Велика Британија, но не потврди активни разговори со ниту една земја.
Миграциските центри неодамна беа дискутирани на состанокот на министрите за надворешни работи од Берлинскиот процес во замокот Хилсборо во Белфаст, Северна Ирска, а аналитичарите го посочија Косово како една од најатрактивните опции за договор, но Приштина иако прифати, нагласи дека капацитетите ѝ се многу мали.
Косово веројатно би побарало посилна дипломатска поддршка од Велика Британија во услови на закани од Србија, за одбивање на руското влијание и обезбедување на сопствените граници.
„Косово е подготвено да ѝ помогне на Велика Британија во справувањето со нелегалната миграција“, изјави косовскиот премиер Албин Курти во пресрет на големиот самит на лидерите од Западен Балкан што се одржува денес.
Курти потврди дека е во разговори со Велика Британија за постигнување договор за справување со нелегалната миграција и рече дека неговата земја има „должност“ да помогне во справувањето со проблемот.
Кир Стармер ќе биде домаќин на разговори со лидерите на шест земји од регионот денес во Лондон, во обид да го исполни своето ветување за намалување на бројот на имигранти кои нелегално живеат во Велика Британија.
Инаку синоќа лидерите присуствуваа на специјален прием организиран од кралот Чарлс во центарот на Лондон за да се прослави успехот на креативниот сектор во регионот, каде што министерката за надворешни работи Ивет Купер им рече на гостите дека настанот е „знак за тоа колку силно го цениме односот на Велика Британија со Западен Балкан и со различните партнери што ги имаме денес тука“. Настанот, организиран во пресрет на самитот на лидерите од Западен Балкан (Берлинскиот процес) имаше за цел да ја одбележи улогата што ја играат креативните индустрии, младите и граѓанското општество во Западен Балкан во поттикнувањето на регионалната соработка, културната дипломатија и инклузивниот раст.
Купер им рече на присутните, вклучувајќи дипломати, уметници и бизнис лидери, како и претставници од културата и младите дека „се работи за нашата историја“. Кралот и премиерот разговараа со лидерите на неколку држави, вклучувајќи ги премиерите Еди Рама од Албанија, Албин Курти од Косово, Милојко Спаиќ од Црна Гора, Христијан Мицкоски од Северна Македонија, Ѓуро Мацут од Србија и Росен Жељасков од Бугарија. Карен Пирс, специјален претставник на Велика Британија за Западен Балкан, исто така беше присутна.
Купер рече: „Тоа беше наше заедничко искуство за здружување по историјата на конфликти и можноста да се надеваме на заедничка иднина, а исто така и со оптимизам за иднината. Значи, не само за да се опфатат прашањата околу безбедноста и помирувањето, туку и за економскиот раст, за можностите за иднината, за културата, за индустријата и за начинот на кој можеме да работиме заедно за прашања од миграцијата до економската економија и трговијата“.
Разговорите за дејствување како трети земји домаќини на центрите се во тек, но според британските медиуми не се очекува да бидат објавени никакви договори на самитот денес.
Велика Британија последен пат беше домаќин на Берлинскиот процес, кој има за цел да промовира мир, безбедност и стабилност на Балканот и да поддржува партнерство и раст, во 2018 година.