Косово избираше градоначалници, излезноста близу 40 отсто


На Косово денес се одржаа локални избори за ново раководство во 38 општини. Според податоците на Централната изборна комисија (ЦИК), до 19 часот гласале 39,16% од запишаните избирачи, а највисока излезност е забележана во српските средини.

Портпаролот на ЦИК, Ваљмир Елјези, соопшти дека пребројувањето на гласовите за градоначалници започнува вечерва, додека пребројувањето на гласовите за општински советници ќе почне утре. Право на глас имаа 2.069.000 граѓани.

ЦИК соопшти дека изборниот процес помина претежно мирно, без поголеми инциденти, а регистрирани се само помали доцнења при отворањето на некои избирачки места и случаи на фотографирање гласачки ливчиња.

Прелиминарните резултати од гласањето се очекува ЦИК да ги објави во наредните часови.

Според мрежата на невладини организации „Демократија на дело“ (DnV), изборниот процес бил мирен и демократски, но сепак биле регистрирани одредени нерегуларности. Како нерегуларности, тие го посочија гласањето со придружба, особено кај жените и младите, што во многу случаи не било забележано во протоколот. Други нерегуларности биле присуството на рекламен материјал на политичките сили на оддалеченост помала од 100 метри од избирачките места, како и организирано гласање за групи граѓани во некои косовски општини.