Косово и Србија постигнаа договор за електричната енергија


Косовскиот главен преговарач во дијалогот со Србија, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бесник Бислими објави дека Косово и Србија денеска конечно постигнале договор од областа на енергетиката, јави дописникот на МИА од Приштина.

Бислими на својата страница на Твитер напиша дека со овој договор ќе се овозможи наплата на сметките за струја и во четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово, што досега главно не се спроведуваше.

– Најпосле го усвоивме Прирачникот за имплементација на договорите за енергетика од 2013 и 2015 година. Ова овозможува наплата на сметиките за електрична енергија во четирите општини во северно Косово, според косовските закони и регулативен систем, напиша Бислими.

Договорот е постигнат на денешната средба во Брисел на Бислими, српскиот главен преговарач, Петар Петковиќ и посредникот на Европската унија во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, кој исто така преку Твитер изрази задоволство за постигнатиот напредок во дијалогот.