Косово го бојкотираше самитот во Охрид, Рама ги искритикува


Албанскиот премиер Еди Рама денеска од лидерската средба на државите од Западен Балкан во Охрид упати критика до Приштина поради неучеството во Иницијативата за регионална соработка, притоа изразувајќи уверување дека Косово како дел од регионот ќе учествува на следната средба предвидена да се одржи идниот месец во Драч.

„Во Софија, Лондон, Познањ, Трст, Париз, Брисел, Берлин, Виена, Драч, Скопје, Сараево, Улцињ. Колку што се сеќавам, властите од Косово беа присутни на сите овие средби, а Србија и БиХ го немаа признато Косово. Но, тоа не беше пречка ниту за претседателот на Косово, ниту за премиерот да учествуваат и да зборуваат во името на Косово, рамноправно со останатите земји“, изјави Еди Рама.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи одби да учествува, а против оваа иницијатива се произнесе и лидерот на ДСК, Иса Мустафа, кој смета дека иницијативата за „мини шенген“ не е прифатлива бидејќи целта била создавање на нова Југославија, со Албанија, без Словенија и Хрватска.

„Косово во моментов не се граничи со ниту една земја членка на ЕУ. Со овој договор, нашата сувереност ќе им ја предадеме на соседните земји, бидејќи како што е познато, Шенген значи сопствени политики на земјите членки за слободно минување на границите, без контрола и тоа би важело и за мини-шенгенот на Србија и поддржувачите на нејзината хегемонија“, изјави Мустафа.

Еди Рама одговори на овој став на Мустафа, истакнувајќи дека не е ниту Југословен, ниту за Голема Албанија, туку граѓанин на Европа.

„Тоа што зборува за некое ново раѓање на Југославија, можеби е се уште поврзан со сеќавањата на Југославија, јас немам такви. А кој зборува за Голема Албанија кога зборувам за укинување на границите на меѓу Албанија и Косово, сега едноставно треба да молчи“, изјави Еди Рама.

Рама исто така истакна дека има спротиставени ставови со српскиот претседател Вучиќ околу Косово, но тоа не треба да биде пречка за развој на земјите од Западен Балкан.

„Како што го напаѓаат Рама дека сака да ја возобнови Југославија, што е смешно, мене ме напаѓаат дека придонесувам за создавање на Голема Албанија. Секако дека имаме спротивни мислења со Рама околу признавањето на Косово. Нема проблем, ние ќе го решиме тоа прашање, но ова нема никаква врска со тоа“, изјави Вучиќ.