Косово: Бислими разговараше со Соренсен за следните фази од дијалогот со Србија

Заменик-премиерот на Косово во технички мандат, Бесник Бислими, денеска изјави дека на средбата со претставникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Петер Соренсен, станало збор за следните фази од дијалогот.
Како што пренесе Бета, тој рече дека било планирано да се одржи трилатерална средба, но тоа не се случило бидејќи тимот од Србија доцнел.
– Отворивме низа теми за кои сметаме дека е многу важно да добиеме одговори од Брисел или решенија. Имаме случај на интегрирано управување со границите каде што има големи доцнења од страна на Србија. Тие доцнат со исполнувањето на нивните обврски, како што се трите гранични точки кои требаше да ги изградат, а иста е ситуацијата и кога станува збор за одговорот на нашите предлози да се отворат сезонски премини во Бујановац и Брезница во време кога дијаспората се враќа, изјави Бислими за koha.net.
Тој додаде дека постојат проблеми и со признавањето на косовските сертификати.
Според него, на средбата една од темите била и поддршката за Албанците во Прешевската долина преку помош за малите земјоделци.
– Србија ги блокираше средствата на банкарските сметки на Националниот совет на Албанците, побаравме итно деблокирање на тие средства, разговаравме и за кампањата на дезинформации која Србија ја почна на многу фронтови со цел дезинформирање на меѓународните партнери, но и одржување притисок врз српските граѓани на Косово, како и за слични теми, рече тој.
Коха јавува дека е можно трилатералната средба на делегациите на Косово, Србија и Соренсен да се одржи утре.