Косоварите, заразени или не, транзитираат слободно низ Македонија


Фото: Б. Грданоски

По информацијата дека 24 патници на летот од Скопје за Турку, Финска биле позитивни на ковид-19, се отвори прашањето – зошто Македонија дозволува, заради странски државјани, да бидат ставани на црни листи македонските граѓани, бидејќи во Финска не водат сметка за националното потекло на патниците туку за тоа од кај дошле. Уште повеќе што ситуацијата во Косово деновиве стана алармантна, а екс премиерот Албин Курти упати јавен повик до меѓународната заедница за помош најавувајќи здравствена катастрофа во земјата бидејќи секојдневно умираат по десетина лица, а речиси 25 отсто од тие што се тестираат се позитивни.

Според официјалните податоци, државјаните на Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина треба да имаат ПЦР тест за да влезат во земјата, но тоа не важи ако  транзитираат, така што на влез ќе покажат авионски билет и ќе потпишат изјава дека ќе си заминат за три часа од земјата. Дополнителен проблем е што многу од нив од Косово во Македонија влегуваат со европски или други странски пасоши,а токму таквите гастарбајтери од Македонија на почетокот го раширија вирусот во земјата.

За волја на вистината многу македонски граѓани деновиве заминаа на одмор во Албанија каде што Косоварите, вака масовно заразени, слободно влегуваат и летуваат. Така што, се додека има подем на епидемијата кај соседите, ќе има и кај нас, бидејќи никој не сака да ги влоши меѓусебните односи со одлука за затворање на границата.

Не е ни чудо затоа што европските медиуми деновиве не прогласија за главно жариште на корона вирусот во Европа и што сме на добар пат да не изолираат дополнително како регион. Без оглед што, според податоците од листата на патници кои ги добило Министерството од скопскиот аеродром, само двајца патници биле со македонски пасош. Имено, најголем дел од патниците патувале со косовски пасош (95 лица), со фински пасош биле 60 лица, а останатите со албански, бугарски, естонски и шведски пасоши.

Ако има нешто позитивно, тоа е можноста нашите гранични власти конечно да направат евиденција кој се има бугарски пасош во Македонија, бидејќи тој очигледно се користи за излегување од земјата, додека останатите граѓани мораат да седат тука или да одат само таму кај што има ист размер на епидемија како кај нас. (Н.В.)