Косоварите и натаму ќе транзитираат без тест за корона


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок, на кој министерот за здравство Венко Филипче предложил странците што ќе влегуваат во земјава за транзит  задолжително да приложат ПЦР тест не постар од 72 часа, одлучила тој предлог да се одбие.

Комисијата за заразни болести сметала дека вакво нешто нема да има смисла, зашто ако патникот оди на подалечно патување, додека да стигне на крајната дестинација неговиот ковид статус може да се смени од негативен во позитивен. Самиот период од 72 часа е доволен за инкубација на вирусот, односно ПЦР тестот направен долго време пред да се стигне на крајната дестинација, не е гарант за тоа дека патникот не е носител на вирусот.

Причина за расправата беше настанот минатата сабота кога во Финска  слета авион од Скопје, претежно полн со косовски државјани, од кои 24 излегле позитивни на коронавирусот. Дел од тие патници, пред да полетаат од Скопје за Турку, влегле во Македонија како транзитни патници.