Кошта ќе се обиде да ја избегне билатерализацијата при проширувањето
За да се промени правилото на консензус, потребно е да има консензус во ЕУ, изјави Урсула фон дер Лајен по самитот ЕУ-Западен Балкан
Процесот на проширување е базиран на заслуги и само заслугите можат да бидат основа за проценка на напредокот во пристапувањето, изјави вечерва претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан.
„Билатерализацијата не е фер начин во проширувањето и треба да ја избегнуваме. Јас лично сум посветен де се обидеме да се надминат овие билатерални проблеми, бидејќи на проширувањето треба да гледаме како на многу важна геополитичка инвестиција, не само за Западниот Балкан, како и на заеднички интерес на 27-те земји членки на ЕУ“, рече Кошта во одговор на новинарско прашање околу случаите некои членки на Унијата да ги блокираат кандидатите за членство на нивниот европски пат поради билатерални спорови.
Токму затоа, според него, треба да се забрза пристапниот процес со голема посветеност и со надминување на билатералните проблеми, кои понекогаш се ставаат на маса и треба да се решат.
Кошта уште изјави дека Европската унија и Западен Бакан припаѓаат на исто европско семејство. Проширувањето на Унијата е заедничка инвестиција во мирот и стабилноста, изјави Кошта по самитот ЕУ-Западен Балкан.
Граѓаните од регионот во следната деценија ќе доживеат двоен економски раст. Никаде во светот Европската унија нема да инвестира толку многу како во Западен Балкан. Тоа е стратешко партнерство, рече Кошта.
Тој изјави дека Европската Унија е најголемиот економски партнер на земјите од Западен Балкан и рече дека Брисел ќе биде нивниот најсигурен партнер.
„Неопходно е да се фокусираме на реформите. Вечерва слушнавме за фрустрации во регионот, но тие можат да се надминат“, рече Кошта.
Во одговор на прашање што ќе преземе Европската комисија за да ја промени оваа практика, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, порача дека кога е предвидено дека за некое прашање треба консензус, тогаш и за промена на тоа правило е потребен консензус.
„Моето искуство од изминативе години е дека најважен е ангажманот за надминување на овие блокади, за изнаоѓање решенија, пронаоѓање компромиси“, рече Фон дер Лајен.
Според неа, таквите обиди понекогаш го забавуваат процесот, но секогаш даваат резултати.
„Ако погледнете на Европската Унија во целина, таа е сторија или приказна на изнаоѓање компромиси и решенија за проблемите кои постојат. Јас сум убедена во тоа“, истакна Фон дер Лајен.
Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата за медиумите изјави дека самитот бил добар, дека се разговарало за сѐ и дека веднаш потоа оди на вечера на која ќе биде присутен и францускиот претседател Емануел Макрон.
Вучиќ изјави дека очекува Србија во јануари или февруари да стане дел од единствената европска платежна област, т.н. СЕПА, но да се отвори Кластерот 3 на крајот на јануари, а најдоцна на почетокот на февруари. Според изјавите, Црна Гора и Албанија, кои забрзано сега чекорат во преговорите, треба од јануари да да влезат во СЕПА.
Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, кој учествуваше на самитот, на Фејсбук објави дека се сретнал со полскиот премиер Доналд Туск.
„Конкретно кога станува збор за Северна Македонија, го имаме т.н. компромис од 2022 година, направен од наша страна. Тој е веќе европски (услов), потпишан од сите држави членки на Европската унија, вклучително и од Бугарија како земја членка, плус од Северна Македонија и нема за што да преговараме. Нашата позиција е непроменета“, рече Главчев.