Кошничката не успеа, сега ВМРО-ДПМНЕ поддржува бојкот на маркетите
Откако бојкотот на маркетите се шири како пожар ни регионот и во Македонија се најавува ист таков, владејачката ВМРО-ДПМНЕ прва се огласи таква работа да се случи и овде. Претходно бојкот на маркетите се случи во Хрватска и Босна и Херцеговина и на ред е Црна Гора. Секаде бојкотот е со поддршка на властите кои не можат да ја скротат инфалцијата и растот на цените на основните производи.
ВМРО-ДПМНЕ оквалификува дел од маркетите како „забегани“. Нивната поддршка доаѓа откако новогодишната кошничка на владата не успеа да ја постигне целта, затоа што многу производи наместо да поевтинат, тие поскапеа.
„Сигурни сме дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите и состојбата во која без никаков индикатор кој предизвикува инфлација тие нечовечно да ги зголемуваат цените и учествуваат директно во зголемување на сиромаштијата богатејќи се на грбот на граѓаните преку уцена и монопол и општествено неодговорен однос“, вели во соопштението ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата очекува дека владата, која таа ја раководи, да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените, да ги истражи однесувањата на маркетите дали низ годините наназад до денес правеле злоупотреби, даночни ескивирања или други прекршувања на законите и да ја засили контролата врз нивната работа. „Ова дивеење на маркетите мора да престане“, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција рече дека има разбирање за акцијата на граѓаните овој петок да се бојкотираат маркетите поради високите цени.
„Тука не треба да имаме никаква дилема, бидејќи од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарните инспекторати ја следат ситуацијата и навремено реагираат“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека е кривично дело тоа што два големи синџири на маркети се обиделе да го изиграат законот за нефер практики со тоа што на производителите им давале договори со 10 проценти маржа, а потоа им се нудат специјални договори, во кои маржата се зголемува на 40 до 45 проценти.