Кос: Србија не исполни ниту една од ветените реформи, не знам дали ќе и ги дадеме парите!


Еврокомесарот за проширување Марта Кос изјави дека српската влада не исполнила ниту една од реформите што ги вети во декември, објави денес порталот „Европски Западен Балкан“ (EWB).

„Не сум задоволна  од она што го гледам во Србија. Новиот премиер и претседателот на Народното собрание ми ветија дека реформите ќе бидат брзо спроведени, но претседателот на Србија истото им го вети и на претседателот на Европската комисија и на претседателот на Европскиот совет на крајот на март, па ништо не се случи. Ќе видиме како ќе продолжиме“, рече Кос на дебатата за Планот за раст за Западен Балкан.

Кос водеше јавен дијалог за овој финансиски инструмент на Европската Унија (ЕУ), вреден шест милијарди евра со членовите на Комитетот за надворешни работи и Комитетот за буџет.

„Кога бев во Белград, му кажав на Вучиќ дека ништо не е постигнато од декември, иако целата влада и самиот тој објаснуваат дека се за реформи“, истакна Кос.

Осврнувајќи се на посетата на претседателот Александар Вучиќ на Москва, таа одговори дека во Белград му рекла дека 9 мај 1945 година не е исто што и 9 мај 2025 година и дека ќе ѝ биде многу тешко, како европски комесар за проширување, да зборува во корист на Србија ако оди во руската престолнина.

Кос нагласи дека најважно за Србија сега е да ги исполни ветувањата во врска со трите закони за медиуми, како и оние поврзани со изборот на новиот Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми и измената на изборното законодавство. Во тој контекст, таа оцени дека постојното изборно законодавство „не е добро, што е мислење не само на Европската комисија, туку и на Венецијанската комисија“.

„Во врска со Србија и средствата од Планот за раст, сега проценуваме дали треба да ги исплатиме или не“, рече Кос, истакнувајќи дека „не е 100 проценти сигурна“ дали Србија го следи европскиот пат.

Кога станува збор за Србија, таа „конечно би сакала да види акција, а не само да слуша ветувања“.

Кос се осврна и на актуелните протести во Србија, нагласувајќи дека она што го бараат демонстрантите е исто што и она што го бара ЕУ.

„Демонстрантите се залагаат за владеење на правото, слобода на медиумите, независност на судството, борба против корупцијата, транспарентност во јавните набавки. Сето ова се вредности на Унијата“, изјави Кос.