Кос: Подготвени сме за соработка со Турција, но и таа мора да покаже дека е подготвена да сработува со ЕУ


Брисел – И покрај постојаните изјави на Турција дека пристапувањето кон ЕУ останува нејзина стратешка цел, ваквите зборови не се придружени со видлив напредок, особено кога станува збор за основните слободи и владеењето на правото, истакна вечерва еврокомесарката за проширување Марта Кос во дебатата во Европскиот парламент за извештајот на ЕП за Турција за 2023 и 2024 година и за односите на ЕУ со Анкара.  

Таа оцени дека извештајот на известувачот на ЕП за Турција, шпанскиот европратеник Начо Санчез Амор е сличен со извештајот на Европската комисија, ги одразува најновите случувања во Турција и јасно ги илустрира предизвиците во односите на Анкара со ЕУ. 

– Негативните трендови што доведоа до застој во преговорите за пристапување во 2018 година, за жал, се уште траат, оцени Кос. 

Еврокомесарката нагласи дека во 2023 година, Турција придонесе во деескалација на состојбата во источниот Медитеран, во започнувањето на неформалните дискусии за кипарското прашање и оствари позитивната соработка со ЕУ за справувањето со миграцијата и за трговските прашања, но дека овој постигнат напредок во надворешната политика, не беше следен со напредок во реформите на внатрешен план. 

– Од почетокот на оваа година, повторно забележавме загрижувачки случувања во Турција во однос на владеењето на правото и човековите права, заедно со континуираниот неуспех да се спроведат долгогодишните препораки на Комисијата. Овие прашања остануваат причина за сериозна загриженост за ЕУ. Раширеното користење на антитерористичкото законодавство против политичките партии и за ограничување на слободата на медиумите се големи назадувања и се во спротивност со меѓународните обврски на Турција, особено оние што ја гарантираат слободата на изразување и здружување, додаде Кос. 

Според неа, притворањето на демократски избраниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, како и на други избраните функционери, политички активисти, членови на граѓанското општество, бизнисмени, новинари…, покренува сериозни прашања за посветеноста на Турција на сопствените демократски традиции. 

– Цврсто уверени во вредностите што ги почитуваме како Унија, ќе продолжиме на нашите турски партнери доследно и конструктивно да им ја искажуваме нашата загрижености во врска со владеењето на правото и заштитата на фундаменталните права, додаде Кос. 

Таа додаде Турција, исто така, е и стратешки трговски партнер на ЕУ и таа има стратешки интерес да го негува партнерство од взаемен интерес со Турција и да ја промовира нејзината стабилност и просперитет, па затоа промовира подлабока соработка во области од заеднички интерес. 

– ЕУ продолжува да ги следи своите приоритети и да ги зголемува инвестициите во областите од заеднички интерес, особено преку поддршка на инвестициите во стратешки сектори како што се климата, зелената транзиција, обновливата енергија и енергетската ефикасност, создавањето работни места и урбаниот развој, рече Кос. 

Таа, сепак, нагласи дека нема да се двоумам да им пренесам на нејзините турски соговорници дека продолжувањето на назадувањето во областите на владеењето на правото, основните права и судската независност претставува сериозна пречка за продлабочување на соработката меѓу ЕУ и Турција.  

– За владеењето на правото нема преговори, тоа е основен принцип на секое веродостојно партнерство со Европската Унија. Турција мора да ја искористи можноста да ја покаже својата посветеност на нов правец, кој ги поставува темелите за посилни односи со нашата Унија. ЕУ е подготвена да работи на обновена и подобрена соработка со Турција. Сепак, соработка бара реципроцитет и очекувавме Турција да покаже дека е подготвена да сработува со нас, заклучи Кос. 

Според известувачот Санчез Амор турските власти постојано ја повторуваат нивната „наводна посветеност“ на членството во ЕУ и нагласуваат колку е важно за Унијата да го заживее пристапниот процес со земјата поради безбедносни и геополитички причини, но дека со своите постапки тие се насочуваат кон целосно авторитарен модел. 

Ваквите постапки на Анкара, како што е неодамнешното апсењето на истанбулскиот градоначалник и опозицискиот лидер Имамоглу, според Санчез Амор, се повеќе ја оддалечуваат земјата од членството во ЕУ. 

Во извештајот на ЕП се посочува дека и покрај геополитичките и стратешките императиви на процесот на пристапување и демократските и проевропските аспирации на голем дел од турското општество, не може да се занемари непочитувањето на демократските принципи во земјата, па затоа и процесот на пристапување на Турција во ЕУ мора да остане замрзнат. 

– Турската Влада не ги презема неопходните чекори за надминување на постоечките фундаментални демократски недостатоци, се вели во Извештајот, во кој се изразува „длабока загриженост“ поради континуираното влошување на состојбата со почитувањето на демократските стандарди, немилосрдното задушување на критичките гласови од страна на турските власти и постојаното таргетирање на политичките партии и членовите на опозицијата.   

Во документот се посочува дека пристапувањето на Турција кон ЕУ зависи од исполнувањето на критериумите за членство, кои бараат стабилни институции што гарантираат демократија, владеење на правото и човекови права, почитување и заштита на малцинствата, добрососедски односи и усогласеност со меѓународното право и заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

– Тоа се апсолутни критериуми, а не прашања кои се предмет на трансакциски стратешки размислувања или преговори, се наведува во Извештајот, за кој европратениците ќе гласаат утре.