Кос: Идентитетот никогаш не е предмет на политичко одлучување

Мицкоски ѝ реплицираше на Кос дека за него идентитет се и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Даме Груев, Миладиновци, Јане Сандански, Илинденското востание


Марта Кос уште еднаш повтори дека уставните измени се предуслов преговорите да почнат по кластери (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски денес на прес-конференција со еврокомесарката Марта Кос на исто рамниште со идентитетот ги стави и историските прашања, проширувајќи ги на тој начин темите за кои спори Македонија со Бугарија, иако амандманите за историската комисија останаа неизгласани во ЕП.

Додека Кос уверуваше дека идентитетот е нешто што го носиме во себе и сами си го негуваме, Мицкоски се повика на лошото искуство, па го прошири идентитетското прашање од нацијата и јазикот на дилемата – со каков идентитет се Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Кузман Шапкарев, Миладиновци и Илинденското востание

Мицкоски практично и реплицираше на еврокомесарката Кос која уште на почетокот нагласи дека израснала со нас со иста држава и дека не ѝ треба превод.

„Членството во ЕУ е најдобриот начин како да се заштитат културата, идентитетот и јазикот“, порача Кос, нагласувајќи дека зборува од сопствено искуство бидејќи и Словенија во 2004 година се соочувала со вакви дилеми, но сега словенскиот е еден од 24-те официјални јазици на ЕУ.

„Идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Ние идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца. Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина, нашата традиција, како на  пример, манастирите, погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки, како ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите и каков однос имаме кон македонскиот јазик. Никој не може да ви го одземе ова на вас Македонците“, порача Кос.

Да, така е, и реплицираше Мицкоски, но со едно големо „но“.

„Така е, идентитетот го носиме длабоко во нас, но изминатите три децении изгубивме голем дел од него менувајќи името, знамето и Уставот. Без гаранции дека ќе ова биде последна идентитетска промена, јас би бил повнимателен. Јас се водам од девизата ‘не слушај ги што зборуваат (бугарските функционери) туку што прават’, а тоа што го прават не е според европските вредности. За мене како Македонец идентитет се и Гоце Делчев, Кузман Шапкарев, Даме Груев, Миладиновци, Јане Сандански, Илинденското востание  и така натаму. Не знам дали ќе го споделат истото мислење луѓето од исток“, порача Мицкоски без да им го спомене името на соседите.

Според него, она што го направија и што го прават сѐ уште во Европскиот парламент нема врска со европските вредности и очекува секаков инжинеринг околу верзијата на извештајот што сега е актуелна таму, така што ништо не би го изненадило, во смисла извештајот да заврши со описот „модерен македонски јазик“. Тој додаде дека Македонија останува цврсто на европскиот пат, но нема да прифати уцени под превезот на интеграциите.

„Нашата држава чекори со отворено срце и разум, но се противиме на уцените кои не се дел од европските вредности. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме, сè друго е туѓо за ЕУ и туѓо за нас“, изјави Мицкоски.

Христијан Мицкоски изјави дека Македонија останува цврсто на европскиот пат, но нема да прифати уцени под превезот на интеграциите (Фото: Б. Грданоски)

Мицкоски притоа прати неколку генерални пораки кои според нашето искуство повеќе се реторика од реална политика. Па, така тој рече пред Кос дека самите „ќе ја направиме татковината вистински европска пред, а не откако ќе влеземе во ЕУ“, дека дека нашите реформи не се декор туку потреба и затоа нема потреба да нѐ „туркаат“ (од ЕУ) и дека ќе ги следиме европските вредности – не затоа што тоа некој ни го наложува, туку затоа што тоа е наш избор. 

Кос најави дека наскоро ќе дојде во билатерална посета на Македонија и дека тогаш ќе ги посети повредените во Кочани. Таа го нарече Мицкоски добар домаќин и повика како држава да ја искористиме оваа можност, бидејќи има вистинска заложба во ЕУ за прием на нови членки.

„Наша политичка цел е да ги отвориме преговорите со Македонија по кластери веднаш кога ќе ги задоволи релевантните критериуми, односно ги усвои уставните измени“, рече Кос, потенцирајќи дека многу е важно да се изградат и конструктивни односи со соседна Бугарија. 

На прашањето има ли гаранции дека Бугарија нема да отвора нови билатерални прашања и дали верува во тоа што го зборува бугарскиот премиер Росен Жељасков, Кос рече дека за Европската комисија ситуацијата е многу јасна и дека доколку Македонија ги исполни заложбите и го смени Уставот ЕУ веднаш ќе започне меѓувладината конференција без дополнителни условувања.

Кос му честиташе на Мицкоски за договорот со Бугарија да работат на Коридорот 8 (Фото: Б. Грданоски)

„Ова не е лесно, но можноста е отворена и сите треба да ја искористиме оваа шанса“, рече Кос, додавајќи дека сите треба да придонесат Македонија да ги продолжи преговорите што поскоро, а најдобар начин за тоа е да се остварат резултати.

Таа му честиташе на Мицкоски за договорот со Бугарија да работат на Коридорот 8, уверувајќи дека тој е важен не само за нас туку и за целиот регион и за ЕУ, која изработила нова стратегија за поврзување на Европа со Црноморскиот регион во која Македонија има централно место.

Зборувајќи за Планот за раст и за реформите, што е повод за самитот што се одржа денес во Скопје, таа соопшти дека сите шест земји во просек оствариле 75 отсто од планираните реформи, а Мицкоски додаде дека Македонија не само што не заостанува – туку и е над тој просек и дека многу скоро и тоа ќе биде завршено.  

„Можеме многу да постигнеме. Клучно е лидерите да го водат политички процесот“, рече таа, објаснувајќи ги предностите од реформите  во рамките на Планот за раст за Западен Балкан. Притоа најави дека од 1 јануари 2026 година, ако има реформи, земјите од Западен Балкан ќе имаат можност за бесплатен роаминг со Европската унија, откако во јули 2021 беше укинат роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, односно помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Таа нагласи дека Планот за раст носи опипливи социо-економски поволности за граѓаните и дека наша одговорност е да ги имплементираме реформите за нивна добробит.

Прес конференцијата Кос сепак ја започна со сочуство за трагедијата во Кочани.

 „Сакам да им упатам сочувство до семејствата и до блиските на жртвите и на повредените. Ваквите трагедии како Кочани нѐ потсетуваат што е најважно во животот, а тоа е семејството, пријателите, заедницата, односно луѓето коишто помагаат, односно тоа е солидарност на дело и солидарност од ЕУ кон нашите земји-кандидатки. Многу други Европејци беа покрај вас, ви помагаа во изминативе месеци. Мило ми е што се согласивме дека кога ќе дојдам на билатералните посети наскоро во Северна Македонија, заедно ќе ги посетиме повредените во Кочани“, истакна Кос.

Претходно, на самитот ЕУ-Западен Балкан посветен на Планот за раст, Кос рече дека реформите кои земјите од овој регион треба да ги направат не се едноставни, но користа ќе биде голема за граѓаните.

„Можам да се разнежнам кога зборувам за Западен Балкан, затоа што регионот ми е драг и сакам да помогнам најмногу што можам за да преминете преку целта. Клучните реформи што ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат закоравени структури на моќ и интереси и бараат длабока општествена трансформација. Потребно е вие лидерите да ја водите оваа промена. Користа е многукратна, ќе донесе стабилност, безбедност и просперитет за сите ваши граѓани. Планот за раст е целосно во ваши раце, нема мешање од политичките динамики. Ова е алатка што ќе ви помогне со важните реформи и овие реформи се неопходни за да ве подготват за членство“, рече Кос.

Таа притоа го истакна напредокот на Албанија, Црна Гора, Босна Херцеговани и Србија. Посочи дека Албанија отвори три кластери во последните шест месеци, со што, како што рече, „придонела на успехот на процесот на проширување“.

„Доколку продолжиме вака ќе можеме да ги отвориме сите кластери годинава и едвај чекам да го прославиме отварањето на кластерите. Црна Гора во петокот затвори уште едно поглавје, во Босна и Херцеговина се усвои реформската агенда и чекаме да се формира нова влада. Господине Курти вие навистина вложивте многу енергија во процесот на пристапување и веќе продолжуваме напред во Србија. Се надевам дека ќе можеме одиме понатаму“, порача Кос.

Марта Кос се разнежува кога зборува за Западен балкан (Фото: Б. Грданоски)