Никица Корубин: Во Македонија има сериозна антибугарска кампања


 

Во Македонија има сериозна антибугарска кампања и дел од неа е наследена од бившото југословенско време, смета Никица Корубин, поранешна пратеничка и сега дел од невладиниот сектор во дебатата организирана од Центарот за европски стратегии „Евротинк“, а во рамките на дебатите под покровителство на амбасадата на Чешка чија цел е да поттикнат зближување на македонското и бугарското општество.  Според Корубин, да се каже јасно став во Македонија треба храброст, бидејќи секој многу лесно може да биде прогласен за предавник. 

„Од старт кога ќе се каже Бугарија овде, има потенцијална задршка и отпор кон оваа држава, тврди Корубин додавајќи дека за да имаме добри односи меѓу двете земји треба да ги најдеме причините за тој антагонизам што постои, а официјалната политика на Бугарија кон Македонија не е е динствената причина“, според неа. 

„Ние имаме однапред подготвен наратив за Бугарија  и го применуваме-  дека е сиромашна, бивша комунистичка држава, а со описот како фашистичка ја аплицираме како таква целата нација“, вели Корубин.

Според неа, креатори на тој антагонизам се главно носителите на политички и партиски функции, професори, академици и поединци од општеството, а кулминацијата се поклопи со влегувањето на земјата во НАТО, заклучувајќи дека тие што треба да ги олеснат односите меѓу двете земји најмногу ги отежнуваат, при што некои го прават тоа свесно. Како пример посочи на интервју за заедничка изложба  за Требениште  во кое  имало и прашање – дали постои опасност археолошките предмети што ќе бидат изложени во Бугарија да не бидат вратени назад. И, рече таа, место изложбата да биде перфектен пример дека двете општества можат да функционираат нормално и покрај политиката, се протнува антибугарски наратив и се пропушта шансата да се подобрат односите. 

Вања Петрова од Центарот за проучување на демократијата во Софија сакаше да биде прагматична и да се фокусира на економијата бидејќи Гоце Делчев „не плаќа сметки“. Според неа, треба да се промовира инвестирање на конструктивниот капитал меѓу двете земји , особено сега кога Македонија почнува преговори , а Бугарија ќе добие најголеми по обем досега инвестиции од ЕУ. 

„Време е за пренасочување на односите од прекумерно исполитизираната историја кон економската соработка, вели таа забележувајќи околу наративите дека има доста позитивни  пораки од двете страни, но тие не добиваат таков публицитет како другите“. 

Амбасадорот Јарослав Лудва најави дека ваквите дебати ќе продолжат и натаму и дека ќе бидат финансирани од Европската унија, но од оваа сега остана впечатокот дека целта е одговорноста за спорот да се подели подеднакво на двете страни, при што денес не се слушна воопшто бугарска самокритика.