Коронавирусот наметнува нов начин на поздравување

САД– Додека бројот заболени и починати од новиот коронавирус сè повеќе расте, сè повеќе луѓе, меѓу кои и славни личности, го промовираат новиот поздрав – потчукнување со лактите.

Здравствените власти, но и лидерите и државниците постојано повикуваат луѓето да избегнуваат ракувања, пријателски бакнежи, прегрнувања и слични секојдневни начини на општење. Се чини, најсоодветна замена за тоа е поздравот со лактите.

И претставникот на мисијата на Светската здравствена организација во Кина, Брус Ејлворд дава свој пример за тоа. На прес-конференција, тој на подадена рака од новинар, одговори со подаден лакт.