Коронавирусот и имунитетот – загатка што сè уште ги мачи научниците

Научници од 17 истражувачки центри од Велика Британија истражуваат колку време трае имунитетот по заразување со новиот коронавирус и зошто има пациенти со тешка клиничка слика.

Вирологот и имунолог од Универзитетот во Лондон Мала Маини, која е одговорна за тим истражувачи, изјави дека одговорот на нашиот имунолошки систем на вирусот одредува како ќе реагираме кога ќе се заразиме со Ковид-19.

– Од тоа зависи колку тешко ќе се разболиме кога ќе добиеме акутна инфекција, колку долго ќе бидеме заштитени по заразата и како ќе реагираме на вакцина, истакна Маини.

Таа додава дека имунолошкиот систем е клучен одговор на вирусот.

Благите и умерени случаи на Ковид-19, Маини ги оценува како „пример по книга“ за одговор на имунолошкиот систем и оценува дека се чини дека сите клучни делови на сложениот имунолошки систем работеле во хармонија.

Но, конзорциум на експерти се надева дека ќе ја открие улогата на имунолошкиот систем во тешките случаи на зараза.

Научниците исто така бараат одговор колку долго трае имунитетот по прележана зараза.

Во Хонгконг е забележан прв случај на пациент што е повторно заразен со новиот коронавирус. Професорот Пол Мос, истражувач од Универзитетот во Бирмингем и член на тимот, вели дека тоа е прв случај меѓу милион и потребно е да бидеме свесни за обемот.

Мос укажува дека човекот од Хонгконг немал симптоми при втората инфекција, што покажува дека стекнатиот имунитет може да биде ефикасен во спречување на болеста. (Би-Би-Си)