Коронавирусот ги одложува ревиите на луксузните брендови


Италија– Повеќе луксузни модни куќи ги одложуваат модните ревии ширум светот, како резултат на појава на коронавирус, кој сега се шири во десетици земји.

Италијанските брендови Џорџо Армани и Версаче соопштија вчера дека ги одложуваат модните ревии за своите колекции за крстарење. Шоуто „Армани“ беше закажано за 19-20 април во Дубаи, додека Версаче својата колекција требаше да ја претстави во Америка на 16 мај.

Гучи, дел од француската група Kering ги откажа плановите за својата модна ревија Круз 2021 во Сан Франциско на 18 мај, додека Прада и Шанел ги одложија ревиите што требаше да се одржат во Азија во мај.

„Одлуката е донесена како мерка на претпазливост, со цел да се заштитат сите засегнати страни во индустријата, вработените и гостите кои би биле вклучени во патувањето“, се вели во соопштението на Армани Груп.

Версаче, која е во сопственост на американската група „Капри холдингс“, рече дека е „свесна за потребата да се даде приоритет на здравјето и безбедноста на своите гости и вработени“, додавајќи дополнителни детали ќе бидат дадени во најкраток можен рок.

Колекциите за крстарења се модни ревии, надвор од вообичаениот календар на модни недели, кои сè уште се важна можност за луксузните брендови да ги покажат своите најнови дизајни.

Портпаролот на Гучи, исто така, рече дека новиот временски распоред и локацијата на неговото шоу ќе бидат објавени откако ситуацијата ќе стане појасна.

Армани рече дека неговиот настан сега ќе се одржи во ноември, за да се совпадне со „Експо 2020“ на Дубаи и веќе нема да биде колекција за крстарења.

Армани минатиот месец ја одржа својата модна ревија во Милано зад затворени врати.

Коронавирусот, кој се појави во централниот кинески град Вухан кон крајот на минатата година, се рашири низ целиот свет, при што повеќе нови случаи сега се појавуваат надвор од Кина отколку во оваа земја, што предизвика откажување на многу глобални конференции и саеми. Италија се појави како земја која е најтешко погодена од вирусот во Европа.