Коронавирусот галопира на Балканот, државите уриваат рекорди


Најсериозна е ситуацијата во Словенија, Хрватска и во БиХ, каде заразата се шири со галопирачки размери. Земјите од регионот воведуваат полициски час и рестрикции. Дали тоа ќе биде доволно во борбата против Ковид-19?

На Европа и се заканува ново затворање и ригорозни мерки за заштита, откако бројот на заразени со Ковид-19 почна да расте со забрзано темпо. Бројни жаришта има и на Балканот, каде речиси сите земји регистираат рекордни бројки на заболени. Најсериозна е ситуацијата во Словенија, Хрватска и во Босна и Херцеговина каде заразата се шири со галопирачки размери. Земјите од регионот воведуваат полициски час и рестрикции.
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека во Европа се забележани 927.000 нови случаи на заразени со коронавирусот минатата недела, што претставува нов најголем број на заразени лица во последните седум дена. СЗО потенцира дека и бројот на смртни случаи во Европа продолжува да расте и е за една третина повисок од претходната недела. Агенцијата за здравство на ООН соопшти дека бројот на нови случаи во Словенија е зголемен за 150 проценти во однос на од претходната недела, со нови 4.890 случаи.

Град на духови

Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина се „рекордери“ според бројот на позитивни случаи на коронавирусот за 24 часа. Поради полицискиот час кој стапи на сила синоќа, главниот град на Словенија,  Љубљана се претвори во град на духови.  Од 21 часот до 6 наутро нема движење. Ова ограничување на движењето на граѓаните е забележано за првпат во историјата на независна Словенија. Во последните 24 часа во Словенија се регистрирани 1,503 новозаразени со коронавирус. Бројот на активни случаи во земјата се искачи на 8.860.
„Можам да кажам дека улиците во Љубљана изгледаа како град на духови, никаде немаше никого, па дури ниту оние кои ги шетаат своите миленици. Во Марибор имаше 100-тина луѓе кои протестираа, но дојде полиција па се разотидоа. Имаше и здравствен инспектор кој им напиша казни. Во Љубљана имаше многу полициски патроли. Последен пат полициски час имавме во 1943-та година“, изјави словенечката новинарка Јелена Ашчиќ за „ХРТ“.

Во болниците ширум земјата се лекуваат 333 лица, од кои 55 се на интензивна нега. Починаа осум лица. Поради новите мерки воведени во Словенија, за во петок е најавен протест пред парламентот. Премиерот Јанез Јанша синоќа, како реакција на протестот, објави дека Словенија веќе има над 1.100 новоинфицирани лица во последните 24 часа и ги повика луѓето да бидат сериозни. Владиниот портпарол Јелко Кацин ги повика граѓаните да останат во своите домови. „Навистина, останете дома ако можете. Многумина од нас треба да одат на работа, особено денеска. Грижете се за себе и повикајте ги оние на кои им е потребна помош. Не се малку“,  изјави Кацин.

На Хрватска не и треба нов карантин

За само еден ден во Хрватска се потврдени над 1,400 новозаразени, починале 11 лица, а тестирани биле 5.428 лица. Директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Чапак, верува дека на Хрватска не и треба нов карантин, но додаде дека постојат низа други можности што можат да се применат со досега пропишаните мерки. Највисок дневен биланс регистрира и Босна и Херцеговина со 922 новозаразени и 14 жртви од Ковид-19.
Рекорден број на новозаразени има и во Србија. Според последните информации во Србија се забележани 512 нови случаи на Ковид-19, а починало едно лице. Во последните 24 часа се тестирани 7.425 луѓе, вкупно 1.256.531 од почетокот на пандемијата. Стапката на смртност во Србија изнесува 2,10 отсто. Претходниот рекорд во Србија е забележан на 26 јули кога се забележани 467 заразени.
Бугарија регистрира над 1.300 позитивни случаи. Рекордно високи бројки бележат и Австрија, Полска, Словачка и Чешка, а Украина го регистрира најцрниот ден по бројот на починати со 140 смртни случаи. Чешка со околу 12 илјади нови случаи бележи највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата, а во еден ден починаа 106 лица. Чешката Влада на седница треба да донесе построги мерки.
Во Италија има над 11 илјади новорегистрирани и 87 починати од вирусот. „Работиме деноноќно за да избегнеме карантин. Националниот здравствен систем е зајакнат, оправдано е да се воведат построги рестриктивни мерки во регионите каде што коронавирусот се шири побрзо. Ги замолуваме сите граѓани да се движат само кога е неопходно“, изјави Роберто Сперанца, министер за здравство на Италија.
Во светот со коронавирус се заразени над 41 милион луѓе, а се починати околу еден милион и 130 илјади.  Во својот последен извештај, СЗО наведува дека бројот на нови случаи е зголемен за 25 проценти во последната недела, односно дека новите случаи во Европа сочинуваат 38 проценти од сите нови случаи пријавени ширум светот. Како што се наведува, повеќе од половина од случаите во Европа ги бележат заедно Русија, Чешка и Италија. (Дојче веле)