Корона вирусот бил присутен во Италија во декември, открива студија за отпадни води


Научниците во Италија пронашле траги од корона вирусот во отпадните води собрани од Милано и Торино во декември 2019 година, што  сугерира дека Ковид-19 веќе циркулирал во северна Италија пред Кина да ги објави првите случаи.

Италијанскиот национален институт за здравство (ИСС) испитал 40 примероци од пречистителна станица за отпадни води во северна Италија помеѓу октомври 2019 и февруари 2020 година.

Во анализата објавена доцна синоќа се вели дека примероците земени во Милано и Торино од 18 декември покажале присуство на корона вирусот.

– Ова истражување може да ни помогне да го сфатиме почетокот на циркулирањето на вирусот во Италија, изјави Џузепина Ла Роса, експерт за еколошки отпадни води во Италијанскиот национален институт за здравство, кој учествуваше во истражувањето, се вели во соопштението во кое детално се опишани резултатите од истражувањето.

Помалите студии кои ги работеле научни тимови во Холандија, Франција, Австралија и други земји откриваат знаци дека вирусот што го предизвикува Ковид-19 може да се открие во канализацијата, а многу земји почнуваат да користат истражувања на отпадни води за да го следат ширењето на болеста.

Кинеските власти ги потврдија првите случаи на крајот на декември. Првиот случај на Италија беше во средината на февруари.

Француски научници во мај соопштија дека тестовите на примероци покажале дека пациент кој бил лекуван од пневмонија во близина на Париз на 27 декември, всушност имал коронавирус.

Во меѓувреме, студија во Шпанија открила траги од вирусот во отпадни води собрани во средината на јануари во Барселона, околу 40 дена пред да се открие првиот локален случај на заразата.

Ла Роса истакна дека најновите откритија за присуството на вирусот во италијанските отпадни води не значи автоматски дека епидемијата потекнува од Италија.