Коронавирус – што се крие зад метежот од бројки на инфицирани и како тие да се толкуваат?


На оној кој ги следи бројките на инфицирани со коронавирус во својата и во други земји, и се обидува да најде логика, набрзо ништо нема да му е јасно. Eксперти и математичари објаснуваат како да се толкуваат бројките, пишува Дојче веле.

Стапка на репродукција на вирусот
Зад овој број се крие потенцијалот за ширење на вирусот. Ако стапката на репродукција е поголема од бројот 1, односно ако секое заразено лице пренесува инфекција барем на едно друго лице, вирусот се шири. Ако стапката е помала од 1, се заразуваат сѐ помалку луѓе и бројот на заболени се намалува. Експертите од институтот „Роберт Кох“, кој во Германија го следи развојот на заразни болести, тврдат дека репродукцискиот коефициент на САРС-КоВ-2 е меѓу 2,4 и 3,3. Значи, секое заразено лице инфицира две до три други лица. За епидемијата да се стави под контрола, потребно е спречување на околу две третини од сите пренесувања на вирусот. Бидејќи засега не постојат вакцини, ниту сигурна заштита од вирусот, веројатно ќе се заразат 60 до 70 проценти од населението. Дури тогаш вирусот ќе наидува на повеќе заразени отколку здрави луѓе и нема да може натамошно да се шири.


Период на инкубација
Времето на инкубација во просек трае пет до шест дена, но може да биде од еден до 14 дена. Тоа не е разјаснето. Моментно се верува дека можат да поминат 24 до 48 часа до појава на првите симптоми кај тукушто заразено лице. Истражувањата во кинеската метропола Шенжен покажуваат дека во една четвртина од сите случаи, инфекцијата ја пренесувале лица без симптоми. Кога заразената личност ќе покаже симптоми, таа вирусот ќе го пренесува најверојатно 7 до 12 дена, доколку е болеста поблага, а подолго од две седмици ако е болеста потешка.

Вирусот се пренесува со капки. Што подлабоко излегуваат од белите дробови, толку вирусот подолго се покажува како активен. Зараза преку изметот, врз основа на моментните истражувања, е малку веројатна.


Стапка на смртност
Уделот на смртни случаи укажува на ризикот од смрт на лицето заболено од САРС-КоВ-2, но тоа воопшто не е лесно да се пресмета.


Причините се следните: Прво, процентот на смртни случаи секогаш зависи од контекстот, времето и местото. Сеедно дали станува збор за Кина, Италија или САД, коронавирусот се шири во различно подготвени и опремени здравствени системи, меѓу луѓе од различна возраст, со различни медицински состојби, во држави со различни форми на заедничко живеење. Сите тие, но и други фактори, одредуваат колку е населението на една земја ранливо и затоа е неможна едноставна споредба или едноставно пренесување на бројките од една на друга држава.

Целиот текст на Дојче веле