Короната забрзано “флертува“ и во Македонија: Што е ФЛиРТ, кои се симптомите и како да се заштитите?


Нов бран на заболени од Ковид-19 го зафати светот годинава, а бројот на заболени расте и на Балканот. Бројот на заразени во Грција, каде што летуваат повеќето Македонци и Срби, се зголемува, а се зголемува и бројот на заразени во Србија.

Регистрирани се и смртни случаи во Грција, а Националната здравствена организација (ЕОДИ) пријави 26 смртни случаи за неделата од 8 до 14 јули, како и повеќе хоспитализации, главно на постари лица и на оние со хронични болести.

Но, каква е ситуацијата во Македонија?

Во Македонија расте бројот на заболени, од кои повеќето имаат лесна клиничка слика, но мал дел имаат и потешки симптоми.

– Деновиве имам висока температура, чувствувам болка во зглобовите и имам тешки главоболки откако бев дијагностицирана со Ковид. Веќе неколку дена боледувам, но терапијата ми помага да ги намалам симптомите – вели Теа од Скопје.

Сепак, повеќето случаи поминуваат полесно и со домашно лекување според упатствата на нивниот матичен лекар.

– Во моментов нема тешки хоспитализации во државава. 95% од случаите го завршуваат своето лекување кај својот матичен лекар – објаснува портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ.

Сепак, во тек е бран со нагорна линија на бројот на заболени.

– Имаме извештај за последните 4 недели. Детектирани се 30 заболени лица пред 4 недели, 61 заболено лице пред 3 недели, 78 пред 2 недели и 116 пред една недела – изјави д-р Мехмедовиќ.

Заболените денес најчесто се носители на семејството коронавируси наречено ФЛиРТ.

Што е ФЛиРТ?

 

ФЛиРТ подразбира две подваријанти на сојот омикрон, а според Светската здравствена организација (СЗО), ФЛиРТ стана најдоминантната форма на вирусот во светот.

– Кога станува збор за новите заболувања од коронавирусот, веќе не зборуваме за нови соеви, туку за семејството вируси наречено ФЛиРТ, вируси кои имаат група мутации, процес кој уште се нарекува и конвергентна еволуција – објаснува д-р Мехмедовиќ.

Овој термин се користи за да се опише цело семејство на различни варијанти-вклучувајќи ги KP.2, JN.1.7 и сите други варијанти кои почнуваат со KP или со JN, кои се чини дека независно го примиле истиот сет мутации. Станува збор за конвергентна еволуција. Сите тие се потомци на варијантата JN.1, објаснуваат експерите од институтот Џон Хопкинс.

Конвергентната еволуција е слична на паралелната еволуција, која настанува кога два независни видови еволуираат во иста насока и на тој начин независно добиваат слични карактеристики.

Вирусите како САРС-КоВ-2 мутираат често, а кога мутираат за да избегнат препознавање од антителата, тоа честопати ја ослабува нивната способност да се врзат за клетките што сакаат да ги заразат. Потоа се појавуваат мутации кои ја подобруваат таа способност за врзување. Ова е циклус што е чест за SARS-CoV-2. Фактот дека овие различни варијанти ги добиваат истите мутации им кажува на виролозите дека оваа комбинација на мутации му помага на вирусот најефикасно да ги постигне овие цели.

Најчести симптоми на коронавирусот ФЛиРТ

 

Според досегашните сознанија, повеќето случаи на заболени ги имаат следниве симптоми:

– зголемена телесна температура
– кашлица
– болка во зглобовите и мускулите
– затнат нос
– главоболка
– малаксаност

Препораки за претпазливост и за лекување од ФЛиРТ

 

Д-р Злате Мехмедовиќ советува избегнува простории со заболување и посебна претпазливост за лицата постари од 65 години и за лицата кои имаат претходни болести.

– Најважни препораки околу ова семејство вируси се: избегнување затворени простории со заболени, лицата кои се постари од 65 години или имаат претходни болести да внимаваат, соодветна вентилација во затворените простории, како и изолација на оние коишто се болни. Исто така, важно е да се почитува куќниот ред во болниците – советува д-р Мехмедовиќ.