Короната не ги спречи урбанистичките „чудовишта“


Корона епидемијата не го запре градењето на двете згради – чудовишта во Аеродром. На нив се работи со полна пареа, а паралелно со таа на раскрсницата кај „Тобако“ се подготвува терен за почнување уште една огромна зграда од спротивната страна.

Вистинските димензии на контраверзната зграда кај „Мајчин дом“, пак, сега дојдоа сосема до израз. Она што се гледа на прв поглед е дека просторот е искористен речиси до сантиметар, и едвај ако има место за три квадратни метри зеленило, иако во моментов има закон кој предвидува прецизно колкава треба да биде зелената површина околу секој ваков објект.

Уште повеќе, изведувачот го узурпирал целиот простор за пешаците и, што е најшокантно, ѕидот на монструозниот објект почнува истиот милиметар  – каде што завршува тротоарот.

Ништо подобра не е ни ситуацијата со објектот кај „Тобако“, кој го узурпираше последното детско игралиште во тој  дел од населбата, а зелена површина околу има колку за во музеј. Жална е и состојбата и со тротоарите, кои се толку тесни што се случува лица со инвалидски колички да се движат по улица, загрозувајќи си ги животите.

Двете, а наскоро три згради го сменија ликот на населбата која беше проектирана и создадена за хумано градско живеење, а наедно и ги урна значајно цените за стан тука, кои беа на нивото на тие во Центар, а сега се на нивото на Кисела Вода.