Короната ја покори Индија – по 300.000 случаи дневно

Луѓето умираат премногу брзо, уште пред да се дознаат резултатите од тестовите
Индија е совладана од стотици илјади нови случаи на корона вирус дневно, носејќи болка, страв и агонија во многу животи, додека се воведува локдаун во Делхи и други градови.
Индиското Министерство за здравство пријави 295.041 нови случаи во средата со 2.023 смртни случаи, при што вкупните жртви достигнаа 182.553 лица. Индија од почетокот на пандемијата регистрира 15,6 милиони случаи, што е втор најголем број зад САД.
Новите пријавени случаи надминаа 200.000 секој ден во изминатава недела – луѓето се заразуваат побрзо отколку што може да се тестираат.
„Овој пат, инфекцијата се шири толку брзо што луѓето не добиваат време да добијат лекови. Многу луѓе умираат пред да добиеме извештај од тестот“, рече д-р С К Пандеј од Институтот за медицински науки „Рам Манохар Лохиа“ во Лакноу, главниот град на северната држава Утар Прадеш.
Многумина ги обвинија политичарите дека дозволуваат настани за супер ширење, како што се масовни собири.
Верските водачи и стотиците илјади побожни хиндуси се собраа на брегот на реката Ганг во северниот индиски град Харидвар минатиот месец на големиот фестивал Кумб. Тие веруваат дека влегувањето во света вода ќе ги измие нивните гревови и ќе спречи повторно раѓање. Еден истакнат хиндуистички религиозен водач почина од Ковид-19 кратко потоа.
Премиерот Нарендра Моди, министерот за внатрешни работи Амит Шах, како и опозициските политичари учествуваа на масовни изборни митинзи во пет многу населени држави со десетици илјади приврзаници кои не носеа маски или немаше социјално дистанцирање.
Десетици илјади земјоделци кои протестираат против новите закони за земјоделски реформи кампуваат на периферијата на индискиот главен град во преполни шатори и импровизирани градови од ноември досега.
Моди се обиде да ги разбуди духовите во национално обраќање во вторникот вечерта, велејќи дека владата и фармацевтската индустрија ги интензивираат напорите да се справат со недостигот на болнички кревети, кислород, тестови и вакцини.
Но, призна тој, „напливот на инфекции дојде како бура и претстои голема битка“. (АП)