Короната ја покори Битола. Пациентите се жалат дека најслабата алка се матичните лекари


според планот на топлификацијата за почетокот треба да се приклучат 35 државни и општински институции во Битола кои ќе искористат една третина од капацитетот на системот

Бројот на инфицирани во Битола се искачи на 1.447, а во моментов болеста е активна кај 728 позитивни лица. Најголем дел од од нив се заразиле во овој месец

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Пациенти од Битола кои во моментов се соочуваат со вирусот Ковид-19 реагираат на третманот и грижата на матичните лекари. Тие велат дека најслабата алка во синџирот на протоколи и лечење на пациентите се токму тие. Пациенти се жалат дека матичните на телефон ги наслушуваат како дишат, додека кај нив се развила тешка форма на бронхопневмонија

„Секоја чест на исклучоците, но нашата матична лекарка кој е на прагот за пензија нигде ја нема, со денови не се јавува, а не пак да води некаква анкета или грижа за пациентите. Мојот сопруг седум дена беше со температура над 39,5 степени, на телефон го тераше да издишува да чуела како дише, додека тој немаше здив. Го хоспитализираа со бронхопневмонија на двете крила, а после четири дена хоспитализација се јави сестрата од кај матичната да праша како е? Кога ноќта ѝ праќавме пораки да ни викни Брза помош неа ја немаше, не се јавуваше ни утрото. Болните се соочуваат со големи стресови“, огорчено реагира битолчанката Жана Ѓоргиевска.

Во Ковид-центарот во Битола исполнети се сите болнички кревети и тоа со пациенти со најтешката клиничка слика. Со масивни бронхопневмонии пациентите речиси и да немаат бели дробови, велат инфектолози кои едвај, со натчовечки сили, се справуваат со ситуацијата.

Дека пациентите се хоспитализираат задоцнето потврдуваат и инфектолозите, иако наведуваат дека за нив причините се непознати.

„Нашите пациенти речиси немаат бели дробови, пациентите не дишат спонтано и затоа им е потребна парменентно кислородна поддршка. Другиот фактор е неневременото доаѓање кај нас. Не знаеме зошто, но за да не бидат обележани тие избегнуваат да кажат дека имаат ковид. Иако имаме паценти кои биле тестирани, бил добиен позитивен дијагностички тест, но од за нас непознати причини не се јавуваат навремено на лекар. Остануваат дома и до десетиот ден и кога ќе видат дека веќе не можат да дишат ни доаѓаат во така фаза“, предупредува д-р Ели Димитровска, специјалист инфектолог од Ковид центарот при Клиничката болница во Битола.

Над 120 амбулантски прегледи прават дневно лекарите во Ковид-центарот во Битола, каде моментно се хоспитализирани 83 пациенти. Првиот човек на Битолската клиничка болница, д-р Билјана Гагачовска, вели дека има голем наплив на болни со симптоми на Ковид-19.

„Има голем наплив за прегледи, над стотина амбулантски секој ден, лекарите се преморени, преоптоварен е целиот медицински персонал. Хоспитализираните се од 32 години најмладиот до 91 година, највозрасниот. Интензивно течат подготовките за отворање на дополнителниот дел на Ковид центарот. Во новиот дел во Физикална ќе покриваме со лекари од другите одделенија, по систем на ротација под надзор на инфектолог“, вели директорката на Клиничка болница Битола, д-р Гагачовска.

Како им се случи ова на битолчани? Градот се соочува со широка локална трансмисија. Бројот на инфицирани се искачи на 1.447, а во моментов болеста е активна кај 728 позитивни случаи. Најголем дел од заболените се заразиле во овој месец. Од почетокот на ноември до денес се потврдени 754 нови случаи на Ковид-19.

Вирусот влезе по домовите. Многу семејства се соочуваат со заболени од Ковид-19, боледуваат нивни блиски роднини и пријатели. Во градот веќе не се водат кластери. Вирусот е присутен и во големите фабрики и во јавните претпријатија, банки, меѓу здравствените работници, градинките, училиштата…

„Зголемувањето на бројот на заболени не е само во Битола, туку и во цела држава, а и пошироко. Претходните месеци доминираа фамилијарните кластери, но сега многу честа е трансмисијата на болеста и во работните организации“, вели директорката на ЦЈЗ на Битола, Елизабета Крстевска.

Веќе нема ден во Битола да нема жртви на вирусот. Буквално секој ден по еден, двајца, четворица, па дури до шестмина починати на ден. Само во ноември се починати 37 лица, со што бројот на починати од почетокот на кризата до денес се искачи на 62 .

Инфектолозите велат дека починатите пациенти претежно имале коморбидитети.

„Оние кои се повозрасни имаат коморбидитети или имаат дијабет, некоја хронична срцева слабост, хипертензија, малигна болест или хронична белодробна болест. Сите се со коморбидитети. Тоа е фактор еден за смртноста“, вели д-р Димитровска.