Короната го избриша „ривалството“ меѓу Битола и Прилеп
Бројот на инфицираните лица од корона во Прилеп е 7,5 пати поголем од оној во Битола. Битолчани сочувствуваат со ситуацијата во соседниот град
Анета Блажевска
Битола – Големото „ривалство“ меѓу Битола и Прилеп трае со векови како два соседни града на оддалеченост од само 50-тина километри. Ама, за среќа, ривалството беше избришано од животот со корона вирусот. Битолчани овој пат се откажаа од „натпреварот“ со прилепчани и сочувствуваа со ситуацијата во соседниот град, па на крај памет не им падна да продолжат со традиционалните мајтапи, особено не на оваа тема.
Драстични се разликите во бројки на заболени од Ковид-19 во Битола и Прилеп.
До 6 јуни, бројот на дијагностицирани случаи на корона вирусот во Битола е 29, додека во Прилеп 217, што е за 7,5 пати повеќе. Во градот на конзулите два смртни случаи, а во градот на тутунот 16 починати граѓани позитивни на вирусот.
Стручните лица, епидемиолозите и здравствените работници, засега немаат одговор на што се должи ваквата ситуација, споредувајќи ги двата соседни града. Дали е до менталитетот, навиките, почитувањето на препораките на здравствените власти, дисциплината на граѓаните или, пак, се работи за факти, за бројот на тестирани лица, за преземените мерки, јавни дезинфекции на улици и колективни згради, зелени пазари, казни…
Во Битола за време на кризата имало периоди кога и до една недела, па и до 14 дена не бил дијагностициран новозаболен од Ковид-19. Па и граѓаните и општинските власти охрабрувачки ги бројат деновите без новозаболен, а јавно се радуваат и на секој случај на оздравен пациент.
„Охрабрувачки е тој факт со денови без новозаболени од корона вирусот во нашата општина, што секако се должи на одговорноста на граѓаните во изминатиот период, соодветното постапување на Општина Битола во соработка со јавните претпријатија и пред сѐ подготвеноста на здравствените институции соодветно да одговорат во случаите на лекување, препораки, превенција и заштита од ширење на пандемијата во нашата општина“, велат од Кризниот штаб на Општина Битола.
Официјалните бројки на Центарот за јавно здравје во Битола покажуваат дека во споредба со другите градови во државата, Битола е на 10-то место по вкупен број на заболени, а на 14-то место по број на заболени во однос на број на население (инциденција). Возраста на заболените се движи од 5 до 85 години, со најголем број на инфицирани во возрасната група од 30 до 39 години. Во Центарот за јавно здравје – Битола и регионот кој го покрива (Битола, Кичево, Ресен и Демир Хисар) заклучно со 01.06.2020 година земени се вкупно 732 брисеви.
„Рано преземените мерки како општина и како здравство дадоа резултати, тука е и дисциплината на граѓаните и почитувањето на препораките од Владата и од Министерството за здравство. Значи, голема е улогата и на однесувањето на граѓаните. Колку и да велиме дека не се почитуваат мерките, горе-долу битолчани беа дисциплинирани. Направени се голем број тестови и кај суспектни пациенти на кои клинички сме се посомневале, а не биле епидемиолошки веројатни за да бидат тестирани, но клинички ни дадоа некоја насока за веднаш да ги тестираме како хоспитализирани пациенти“, вели Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.
За разлика од Битола, за истиот период, во Прилеп, во Центарот за јавно здравје направени се речиси двојно повеќе тестирања – 1.322 примероци и дополнителни 140 во Инфективното одделение во болницата „Борка Талески“.
Сите епидемиолошки истражувања покажаа дека од почетокот на март корона вирусот бил присутен во Прилеп со асимптоматски случаи на лица вратени од странство, вели епидемиологот Татјана Мургоска од Центарот за јавно здравје Прилеп за „Независен“.
„Сите тестирања што ги правевме беа на лица со симптоми и асимптоматски случаи и се покажа дека вирусот циркулирал уште пред да се детектира неговото присуство на 24 март. Тие беа контакти на лица вратени од странство од почетокот на март. Многу наши сограѓани беа вратени од соседните земји, кои на почетокот не беа на листата на ризични земји како Србија, Албанија и Бугарија. Интересно, ниту еден од оние граѓани кои се вратија од Италија и кои беа под надзор, не беше позитивен. Значи, ние сме го имале претходно вирусот без да знаеме од каде е донесен“, вели Мургоска.
Од вкупната бројка на потврдени случаи во Прилеп, се покажа дека голем дел од заразените се фамилијарни кластери. Па (не)дисциплината на граѓаните и почитувањето на мерките одигра важна улога во ширењето на вирусот, велат епидемиолозите.
„Апелиравме да се избегнуваат семејните контакти, да се почитуваат мерките, затоа и направивме повеќе тестирања на секој сомнителен случај и на асимптоматски случаи. Во секој случај не се почитувале мерките на самоизолација во една фамилија. Ако се почитуваа мерките побрзо ќе се справевме со ситуација“, смета епидемиологот Мургоска.
Досега во Прилеп оздравеле 170 лица од Ковид-19, а општинските власти апелираат да не се негира постоењето на вирусот.
„Игнорирањето на корона вирусот и негирањето дека тој постои, нема да помогне во надминување на состојбата и намалување на бројката на заразени. Впрочем, бројките на новоинфицирани со Ковид-19 во неколку општини во нашата држава, покажуваат дека вирусот е присутен и дека е опасен.
Почитувањето на мерките, носењето заштитни маски, држењето дистанца, личната хигиена и дезинфекцијата, остануваат единствениот начин, единствениот механизам со кој може да се заштитиме како поединци и како општество. Граѓаните кои се одговорни и доследно се придржуваат до мерките треба да бидат пример за останатите“, вели градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.