Корона вирусот во Мексико ја спречува борбата против наркокартелите


Пандемијата на корона вирусот се заканува да ја запре борбата на Мексико против некои од најопасните наркобанди, затоа што полицајците и службениците се повеќе се разболуваат.


Моќниот картел „Халиско“ и неговите ривали ги користат ослабените безбедносни сили за да ја интензивираат борбата за контрола врз трговијата со дрога во Мексико, тврдат безбедносни службеници и аналитичари.


Од друга страна, армијата помага во борбата против коронавирусот, а касарните се претворени во клиники за лекување на Ковид-19.

Исто така, полицајците кои се со прекумерна тежина или имаат некои претходни заболувања се отстранети од улиците во одредени области затоа што се смета дека се изложени на голем ризик од заразување со корона вирусот, информираат мексиканските власти.

Според властите на мексиканската држава Гереро, каде што се активни околу 40 вооружени групи, меѓу кои е и „Халсико њу џенерејшн картел“, полициските сили се ослабени од пандемијата на корона вирусот во своите редови.

Тие додаваат дека, кога еден полицаец ќе се разболи, во просек уште четири треба да одат во изолација на две недели и истакнуваат дека некои полицајци кажуваат и сомнителни изговори за да избегнат работа.

Со повеќе од 19.000 смртни случаи, Мексико е на седмото место во светот по бројот на починати од коронавирусот.

Во оваа земја се регистрирани вкупно 159.793 случаи на корона вирус, покажуваат податоци на Ворлдметерс.