Корона вирусот потврден во 85 отсто од словенечките домови за стари лица


Случаи на коронавирус се потврдени во 85 отсто од домовите за стари лица во Словенија, изјави синоќа владиниот портпарол Јелко Кацин, наведувајќи дека домовите за стари лица повторно се жаришта на инфекција.

Во моментов има 1.962 активни случаи на коронавирус меѓу вкупно 19.000 корисници на домови за стари лица, а 797 случаи на инфекција се потврдени меѓу скоро 12.300 членови на персоналот.

Министерот за здравство, Томаж Гантар, најави тестирање за сите вработени во домовите за стари лица, пренесува агенцијата СТА.

Кацин рече дека влегувањето на вирусот во домовите на старите лица предизвикува голема загриженост, бидејќи тоа е најзагрозената група, склона кон тешка форма на инфекција.

Податоците покажуваат дека повеќе од половина од смртните случаи на Ковид-19 биле забележани кај лица постари од 85 години, изјави Кацин.